Анализа на вести, свет

Триесет милиони евра од Европа за ПКК

Според информации на турската разузнавачка служба, оваа организација во Европа обезбедува финансиски средства во висина од 30 милиони евра, благодарение на организираниот криминал

Ekip  | 25.11.2016 - Обновена : 26.11.2016
Триесет милиони евра од Европа за ПКК

Ankara

АНКАРА (АА) - И покрај тоа што Европската Унија ја има заведено ПКК како терористичка организација, оваа организација на целата територија од европскиот континент води слободна пропаганда и обезбедува простор за финансиски активности.

Според информации на турската разузнавачка служба, оваа организација во Европа обезбедува финансиски средства во висина од 30 милиони евра, благодарение на организираниот криминал.

Терористичката организација ПКК започна да се организира во 90-тите години на минатиот век, благодарение на политичката поддршка што ѝ беше дадена. Советот на ЕУ, во мај 2002 година, ја стави ПКК на листата на терористички организации. Таа тогаш беше позната како „КОНГРАГЕЛ и КАДЕК“, додека ТАК, која ги преземаше активностите од кои се оградуваше ПКК, во 2006 беше ставена на листата во посебна категорија.

И покрај тоа, ПКК има голем простор за делување во земјите на ЕУ. Турција низа години ги предупредува земјите на ЕУ дека оваа организација извршува активности од типот на продажба на дрога, трговија со луѓе, изнуда на пари, трансфер на пари и перење пари.

Генералниот директорат за меѓународно право и надворешни односи на Министерството за правда на Турција, на почетокот од месецов објави дека во периодот ‎‎2006-2016 година, само до Германија упатила барање за испорака на 136 милитанти на ПКК, од кои само за тројца била прифатена испораката.

Интересен е фактот што освен во Германија, во периодот ‎‎2007-2016 година, од 20 други земји на ЕУ била побарана испорака на 263 терористи, од кои само за осуммина била прифатена испораката.

Организациите во кои се регрутираат членови за кадарот на ПКК кој се бори во планините, раководството на ЕУ ги третира како невладини организации.

- Правна маска за тероризмот

Според информациите до кои дојде дописникот на АА, за да може ПКК на своите структури во Европа да им даде правен изглед, нив ги организира под имињата како што се „Демократски центри на курдската заедница“ или „народни собранија“.

Овие институции во Европа се собрани под една заедничка капа, во која аплицираат сите фондации, здруженија и заедници. Таа е насловена како „Европски конгрес на курдското демократско општество (КЏД-Е)“.

Центарот на КЏД-Е се наоѓа во белгискиот град Шарлроа, а на високи позиции како „копретседатели“ се наоѓаат Јуксел Коч и Шемсе Ѓуљу.

Пропагандата на акциите на ПКК во Европа ја води „Курдистанскиот национален конгрес“ (КНК). КНК секоја година се собира во главниот град на Белгија, Брисел. Својот 16. состанок КНК оваа година го организираше на 2 октомври, на кој беше соопштено дека во Сирија се направени сериозни чекори за федерализација. На истиот состанок биле упатени повици за активности против турската и иранската влада во борбата за независност.

Челници на КНК се милитантите Нилуфер Коч, Ребувар Решит и Адем Узун.

- Земји и политички партии коишто даваат поддршка
Левоориентираните партии кои се дел од власта во Европа, и дел од левоориентираните партии во опозиција, даваат голема поддршка на ПКК. Станува збор за следните партии.

„Во Германија, Левата партија и Партијата на зелените; во Шведска, Левата партија; во Австрија, Партијата на зелените; во Франција, Комунистичката партија; во Норвешка, Црвената партија; Лабуристичката партија во Велика Британија; во Шпанија партијата Подемос; во Русија партијата Правична Русија, во Грција партијата Сириза, додека во Италија тоа е партијата Левица, екологија, слобода“.

- Активности на ПКК во Европа

Во последно време, ПКК започна со терористички активности, под изговор за приведените пратеници на ХДП на почетокот од месецов, кои не сакаа да дадат изјава пред судот за обвиненијата за кои се товарат, откако во Турција беше укинат пратеничкиот имунитет.

Некои турски претставништва, турски здруженија, институции и турски државјани беа жртва на овие активности на ПКК. Институциите на ПКК во Европа сѐ уште водат кампања за ослободување на лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, и за изземање на ПКК од листата на терористички организации на ЕУ, снабдување на ПЈД со политичка воена и логистичка помош, да се продолжи емитувањето на програмата на телевизиските канали на организацијата и се обидуваат да направат негативна пропаганда околу приведувањето на пратениците на ХДП од страна на власта во Турција и за операциите што се спроведуваат во борбата против тероризмот.

- Продолженото крило на организација во Сирија со активности во Европа
Активностите на продолженото крило на ПКК во Сирија, ПЈД, во Европа ги спроведуваат Абдуљселам Мустафа, Хасан Мухамед Али (кодно име Зухат Кобани) и Синем Мухамед.

Благодарение на овие милитанти, ПЈД минатата година под името „Претставништво Рожава“ отвори голем број центри во Европа. Стокхолм, Париз, Берлин и Прага се дел од главните градови во Европа во кои се отворени центри на ПЈД, а во тек се работите околу центрите во Вашингтон и во Копенхаген.

- Активности, од медиуми до кампови

За зголемување на членството, организацијата во голема мера ги користи „медиумските“ органи. Предводник на оваа задача е Фахри Ферда Четин, кој со цел за ширење пропаганда организира голем број активности од типот на фестивали и презентации. Се обидува учесниците на активностите и младите членови на здруженијата на ПКК да ги претвори во активни членови на организацијата.

По оваа фаза, младите се испраќаат во камповите во Холандија, Франција, Швајцарија, Австрија и Италија, кои однадвор наликуваат на кампови на помирување. Во нив учесниците имаат идеолошка обука, по што се испраќаат на воена обука во камповите во северен Ирак.

- Финансии

Според информациите до кои дојде дописникот на АА од турските безбедносни извори, ПКК има најмногу финансиски активности во Германија, потоа во Франција, Швајцарија, Австрија, Холандија, Белгија, Шведска, Норвешка и во Данска.

Институција којашто предводи во собирањето финансиски средства за терористичката организација во овие европски земји, во кои има свои канцеларии, е „Курдската црвена полумесечина“. Организациите на ПКК во Европа, од „донации“ годишно собираат околу 30 милиони евра. Од друга страна, оние што не даваат „донации“ се цел на закани и напади и се нарушува угледот на нивните претпријатијата.

Но вкупната сума на средства што ПКК ги собира е многу повеќе од 30 милиони евра, благодарение на своите илегални активности.

Дел од собраниот износ се дава на здруженијата и на медиумските органи во Европа, дел се праќа во Кандил, додека еден дел се користи за логистика и воени средства на организацијата. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.