Балкан

„Процесот на следење на комуникациите во Македонија треба да се реконструира"

„Несомнено е дека целокупниот процес на следење на комуникациите во Република Македонија по стабилизирањето на политичката криза треба да се реконструира“, истакна јавниот обвинител Марко Зврлевски

Senada İbraimova  | 28.03.2017 - Обновена : 29.03.2017
„Процесот на следење на комуникациите во Македонија треба да се реконструира" (Senada Ibraimova - Anadolu Agency)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје, во организација на Јавното обвинителство на Република Македонија се одржува меѓународна конференција на темата „Следење на комуникациите – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“. На конференцијата учествуваат јавните обвинители и нивните заменици од Турција, Албанија, Косово, Русија, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).

Јавниот обвинител на Р. Македонија, Марко Зврлевски, во својот поздравен говор истакна дека во денешно време, кога тероризмот и организираниот криминал ги користат сите технолошки иновации во своето делување, неопходна е непосредна соработка и заедничко делување на државите од регионот и од Балканот.

„Токму од овие причини, Јавното обвинителство на Република Македонија во изминативе три години неуморно работи на меѓународната соработка, а нашата цел беше пред сѐ, реобнова на добро воспоставените односи од претходно со сите јавни обвинителства од балканските држави, но и воспоставување на односи со јавните обвинителства од земји надвор од Балканот. За таа цел, во текот на 2015, односно 2016 година потпишавме и два нови договора за соработка, и тоа со државното Јавно обвинителство на Република Турција и со Генералното јавно обвинителство на Руската Федерација“.

Тој додаде дека, освен со овие држави, Јавното обвинителство на Република Македонија има склучено договори за соработка и со државните јавни обвинителства од Албанија, Бугарија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и од Словенија.

Според Зврлевски, нелегалното следење на комуникациите во Република Македонија доведе до голема општествена криза. Како што рече тој, ова не е првпат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребувани во државава.

„Иако со законот за следење на комуникациите е предвидено дека овластени органи за следење на комуникациите се јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, па дури и Царинската управа, фактички следењето на комуникациите остана во рацете на Министерството за внатрешни работи, бидејќи до денес, тие исклучиво ја поседуваат потребната опрема. Тоа се и главните забелешки на меѓународната заедница. Од овие причини, несомнено е дека целокупниот процес на следење на комуникациите во Република Македонија по стабилизирањето на политичката криза треба да се реконструира“, истакна Зврлевски.

Според него, целта треба да биде воведување посебни контролни механизми на употребата на средствата за следење на комуникациите.

На конференцијата учествуваат јавните обвинители и нивните заменици од Албанија, Косово, Русија, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Босна и Херцеговина, додека пак од Република Турција учествуваат главниот јавен обвинител Мехмет Акарџа, јавниот обвинител Илкнур Алтунташ и високиот обвинител Булент Јениѓун.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.