Балкан

Србија: Анкетите предвидуваат победа на Вучиќ во првиот круг претседателски избори

Кандидати на изборите се Александар Вучиќ, Вук Јеремиќ, Воислав Шешељ, Саша Јанковиќ, Мирослав Паровиќ, Саша Радуловиќ, Лука Максимовиќ, Бошко Обрадовиќ, Александар Поповиќ, Милан Стаматовиќ и Ненад Чанак

Kayhan Gül  | 28.03.2017 - Обновена : 29.03.2017
Србија: Анкетите предвидуваат победа на Вучиќ во првиот круг претседателски избори

Belgrad

БЕЛГРАД (АА) - Претседателските избори во Србија ќе бидат одржани на 2. април, а новиот претседател од 11-те кандидати, според податоците на Републичката изборна комисија (РИК), ќе го избираат 6.724.172 гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).

Кандидати на изборите се Александар Вучиќ, Вук Јеремиќ, Воислав Шешељ, Саша Јанковиќ, Мирослав Паровиќ, Саша Радуловиќ, Лука Максимовиќ, Бошко Обрадовиќ, Александар Поповиќ, Милан Стаматовиќ и Ненад Чанак.

Анкетите покажуваат дека Вучиќ уште во првиот круг би можел да има повеќе од 50 отсто од гласовите.

За претседател на Република Србија ќе биде избран кандидатот кој го добие мнозинството гласови од гласачите. Ако ниеден кандидат не добие мнозинство од гласовите на гласачите, гласањето се повторува во рок од 15 дена од денот на првото гласање (втор круг на избори).

Во вториот круг на избори учествуваат двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови, при што на гласачкото ливче прв по редослед ќе биде кандидатот што на првото гласање добил најмногу гласови. Во вториот круг учествуваат повеќе од двајца кандидати доколку повеќемина го делат првото или второто место.

Минатонеделните анкети на агенцијата „Фактор плус“ покажуваат дека моменталниот премиер на Србија, Вучиќ, има 53,3 отсто од гласовите. Инаку, во своите политички говори, Вучиќ се залага за членство во ЕУ и НАТО, а не го признава Косово.

По Вучиќ, на второто место следува поранешниот народен правобранител Саша Јанковиќ, со 15,1 отсто од гласовите. Јанковиќ исто така се залага за членство во ЕУ, а смета и дека треба да се зачуваат досегашните врски со Русија, првенствено преку економска соработка.

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ има 8,6 отсто од гласовите. Овој кандидат смета дека во Сребреница е извршено страотно злосторство, но не и геноцид.

Освен тоа, анкетите покажуваат и дека поранешниот обвинет од Хаг и претседател на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, кој го негира геноцидот во Сребреница и бара да се прекине погубниот процес на евроинтеграциите, има поддршка од 5,5 отсто.

Единствениот кандидат кој најави признавање на Косово доколку биде избран и кој го признава геноцидот во БиХ е Ненад Чанак, кој со Поповиќ, Паровиќ и со Радуловиќ дели 5,2 отсто од гласовите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.