Балкан

Хрватска подготвена да ги поддржи евроатланските амбиции на Македонија“

„Република Македонија излезе од тешка политичка криза, но последните напори покажаа дека од кризата излеговме посилни и посветени на нашите стратешки цели овој регион да биде стабилен", рече Шекеринска

Stipe Mayiç  | 21.11.2017 - Обновена : 22.11.2017
Хрватска  подготвена да ги поддржи евроатланските амбиции на Македонија“

Grad Zagreb

ЗАГРЕБ (AA) - Потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Хрватска, Дамир Крстичевиќ, ја прими потпретседателката на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, која со делегација престојува во официјална посета на Република Хрватска. По средбата, двајцата соговорници порачаа дека Македонија и Хрватска се две стратешки пријателски држави коишто имаат одлична соработка, јавува Anadolu Agency (AA).

Тема на состанокот на министерот Дамир Крстичевиќ и министерката Радмила Шекеринска, одржана во Министерството за одбрана на Република Хрватска, беа безбедносните предизвици и закани во Југоисточна Европа и размена на искуства и информации, со цел подобро соочување со тие предизвици.

Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, изрази благодарност до Хрватска за поддршката во евроатланските интеграции на оваа земја, и истакна дека денеска е договорена соработка во рамките на којашто Македонија ќе го користи хрватското искуство во изработката на стратешките документи.

Министерката Шекеринска изјави дека двете Влади за следната година имаат иста цел, а тоа е да го зголемат буџетот за одбрана и да ги подобрат условите на армијата.

Таа најави продолжување на соработката во следната година, во сите облици на вежби и стратешки политики, и изрази задоволство што хрватската амбасада во Македонија е контакт-амбасада со НАТО.

„Република Македонија излезе од тешка политичка криза, но последните напори покажаа дека од кризата излеговме посилни и посветени на нашите стратешки цели овој регион да биде стабилен и напреден преку членство на оние што тоа го сакаат во НАТО и во Европската Унија“, изјави министерката Шекеринска.

Двајцата министри оценија дека Македонија и Хрватска се две стратешки пријателски држави коишто имаат одлична соработка во подрачјето на одбраната, особено во подрачјето на образованието, а хрватските и македонските војници се заедно во Авганистан, во мисијата за поддршка на мирот во рамките на американско-јадранската иницијатива. Во Македонија, исто така, се наоѓа регионалниот регионален центар за односи со јавноста, каде што заеднички се работи на подготовка на офицери за оваа област.

„Хрватска и понатаму е максимално подготвена да ги поддржи евроатланските амбиции на Македонија. Подготвени сме да помогнеме со совети во спроведувањето на реформите за јакнење на безбедноста и во процесот на интеграцијата на Македонија во НАТО“, рече министерот Дамир Крстичевиќ.

Со оглед на тоа што хрватските војници се во потполност опремени и вооружени со хрватски производи, истакната е можноста за стопанска соработка меѓу двете земји. Хрватските претставници на одбранбената индустрија кон почетокот на следната година ќе ја посетат Македонија за да ги претстават хрватските производи.

- За проблемот со Грција околу името: Потребен е компромис од двете страни

На новинарско прашање за преговорите за членство во НАТО меѓу Македонија и Грција и дали Македонија е подготвена да направи компромис околу името заради нивниот напредок, министерката одговори:

„Македонија преговара околу овие прашања веќе подолго време и на сите им е јасно дека кое било решение на проблемот бара компромис од двете страни“.

Таа посочи дека претходните преговори со Грција не дале резултат и оти довеле до тоа Македонија да загуби чекор, особено во однос на членството во НАТО.

„Испративме јасна порака и на нашата и на грчката јавност - сакаме да разговараме за да се реши проблемот. Нема да го користиме проблемот за внатрешни цели, нема да бараме причини за тоа да не го договориме, но очекуваме иста подготвеност од двете страни“, порача Шекеринска.

Заменик-претседателката на Владата на Македонија и министерка за одбрана, Шекеринска, додаде дека е прерано да се зборува за можни решенија за името бидејќи преговорите не се во таа фаза, притоа укажувајќи на потребата од соработка околу ова прашање на највисоки политички инстанци.

Шекеринска денеска ќе ја посети Командата на специјалните сили на хрватските вооружени сили каде што ќе ја разгледаат тактичко-техничката опрема и оружјето. Утре министерката Шекеринска во хрватскиот Парламент ќе се состане со парламентарниот Одбор за одбрана, по што ќе го посети Хрватското воено училиште.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.