свет, живот

Во светот секој ден умираат 7.000 бебиња пред да наполнат 1 месец

Според извештајот што го објави УНИЦЕФ, во светот секоја година умираат 2.600.000 бебиња пред да наполнат еден месец.

Mustafa Deveci  | 20.02.2018 - Обновена : 21.02.2018
Во светот секој ден умираат 7.000 бебиња пред да наполнат 1 месец

Ankara

АНКАРА (АА) - Фондот на Обединети нации за помош на децата (УНИЦЕФ) соопшти дека секојдневно умираат 7.000 бебиња пред да наполнат еден месец, јавува Anadolu Agency (AA).

Според извештајот што го објави УНИЦЕФ, во светот секоја година умираат 2.600.000 бебиња пред да наполнат еден месец. Организацијата истакнува дека смртноста на бебињата зазема сериозни димензии, особено во неразвиените земји.

Минатата година најголема смртност кај бебињата е забележана во Пакистан, а следуваат Централноафриканската Република и Авганистан.

Во извештајот се наведува дека на 1.000 бебиња во Пакистан, 45,6 умираат пред да наполнат еден месец.

Најмала смртност е забележана во Јапонија, каде што на 1.000 бебиња, умираат само 0,9 пред да наполнат еден месец. По Јапонија следуваат Исланд и Сингапур.

УНИЦЕФ во својот извештај истакнува дека постои многу голема разлика во смртноста на бебињата на возраст до еден месец меѓу неразвиените и развиените земји.

Во неразвиените земји, просечно на 1.000 новороденчиња животот го губат 27 бебиња, додека во развиените земји нивната смртност изнесува 3 бебиња.

Во извештајот може да се забележи дека од десетте земји со најголема смртност кај бебињата, осум се наоѓаат на африканскиот континент.

Во 80 отсто од случаите на смртност кај новороденчињата како причини се предвремено породување, компликации за време на породувањето, и инфекции како што се пневмонија или сепса. Во извештајот се истакнува дека доколку се преземат превентивни мерки, во голема мерка би се спречила смртноста на бебињата.

УНИЦЕФ во извештајот наведува дека доколку секоја земја успее да го достигне процентот на смртност кај бебиња што го имаат развиените земји, тогаш до 2030 година би се спасиле 16 милиони животи.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın