политика

Могерини го покани Заев на премиерската вечера во Брисел

Портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчиќ, најавувајќи ја утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави со Федерика Могерини, истакна дека целта е да се разговара за состојбата во регионот во врска со последните случувања

Ivana Ramadanova  | 23.05.2017 - Обновена : 24.05.2017
Могерини го покани Заев на премиерската вечера во Брисел

Skopje

БРИСЕЛ (AА) - Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, иако е само мандатар за составување на Влада на Република Македонија, ќе присуствува на утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави што во Брисел ја организира високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што јави македонската државна информативна агенција МИА, од кабинетот на Могерини, во рамките на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), поканата до Заев е испратена во својство на „определен за премиер“, што значи дека лидерот на македонските социјалдемократи, иако сѐ уште не е избран за нов претседател на македонската Влада, утре во Брисел ќе биде претставен како таков. Покрај премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, Еди Рама (Албанија), Иса Мустафа (Косово) и Дениз Звиздиќ (Босна и Херцеговина), Зоран Заев ќе ја претставува Република Македонија на утрешната неформална вечера што ќе се одржи во зградата на ЕЕАС во Брисел.

Иако од кабинетот на високата претставничка на ЕУ претходно соопштија дека поканите се испратени до актуелните премиери, сепак, во случајот со Зоран Заев и Македонија, Федерика Могерини одлучила да направи отстапка и да го покани него сѐ уште неизбран на функцијата македонски премиер.

Инаку, претходно портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчиќ, најавувајќи ја утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави со Федерика Могерини, истакна дека целта е да се разговара за состојбата во регионот во врска со последните случувања, како и да се погледне „како сите заедно може да се движат напред“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.