СКОПЈЕ (АА) - Денеска се навршуваат 21 година од неуспешниот атентат врз поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров, јавува Anadolu Agency (AA).
На 3 октомври 1995, во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, беше извршен напад со автомобил–бомба активирана во моментот кога возилото на претседателот Киро Глигоров минуваше на пат до претседателскиот кабинет, сместен во зградата на парламентот.
Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Според истражните органи истрагата била обемна со претрес на повеќе десетици илјади луѓе, возила и објекти. Беше објавен и фото робот на еден од осомничените но сето тоа не даде резултат.
Киро Глигоров беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година.
Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во Скопје.