Балкан

„Македонија и Србија делат многу заеднички интереси"

Заев предложил да биде поедноставена царинската процедура на граничните премини, односно царинската процедура да биде извршена во една земја потоа да важи и во друга, „што би ги намалило колоните и би го забрзало протокот на луѓето и стока"

Andelija Stojkovic  | 21.11.2017 - Обновена : 22.11.2017
„Македонија и Србија делат многу заеднички интереси" (Foto: Talha Öztürk/AA)

Belgrade

БЕЛГРАД (AA) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска изјави дека во текот на разговорите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се согласиле дека двете страни треба да ги искористат сите можности за трговската размена да достигне милијарда евра, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што се наведува, Заев предложил за таа цел да биде поедноставена царинската процедура на граничните премини, односно царинската процедура извршена во една земја, потоа да важи и во друга, што би ги намалило колоните и би го забрзало протокот на луѓе и стока“.

Тој предложи заеднички настап на градежните компании на Србија и Македонија на трети пазари, но и нивна соработка на заеднички инфраструктурни проекти.

Вучиќ истакна дека Србија е искрен пријател на Македонија и оти мирот и стабилноста во регионот се во најголем интерес за двете земји, а Србија е отворена за сите иницијативи што придонесуваат за тоа.

Вучиќ рече дека постои потреба за подобро инфраструктурно поврзување, зголемување на економската соработка и на трговската размена.

Тој рече дека Србија го поддржува европскиот пат на Македонија.

Претседателот на Србија додаде дека Србија избрала воена неутралност, а Македонија членство во НАТО, но дека е неопходно секоја земја да го почитува изборот на другата.

- Пред Македонија и Србија извонредни можности за нови иницијативи

Од кабинетот на Владата на Република Македонија, беше истакнато дека традиционално доброто пријателство и соработка меѓу двете земји се исклучителен потенцијал за продлабочување на овие релации, пред кои претстојат извонредни можности за повеќе нови иницијативи во повеќе области, со меѓусебна почит во однос на сопствените стратешки интереси.

„Двeте држави делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите за кои е разговарано да продолжат заедничките проекти на овој план", се вели во соопштението.

Се истакнува дека од особен интерес е соработката и на безбедносните прашања, економската и социјална благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи за кои и од Република Македонија и од Република Србија, како што се наведува, има особено голем интерес.

Како што информираат од Владата, Република Македонија и Република Србија ќе ги реафирмираат идеите за соработка на одбележувања на значајни настани, датуми и културно-историски места од интерес на двете земји, како и конкретна соработка на културен план на ниво културно-информативни центри во двата главни града.

На средбата меѓу премиерот Заев и претседателот Вучиќ, присуствуваа и заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.

Претходно денеска премиерот Заев се состана со премиерката на Србија Ана Брнабиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.