Балкан

Османи: Само политичкиот и етничкиот консензус ќе ги деблокира интеграциите

„Ова треба да го делиме на надетнички, на надпартиски проекти, и на некој начин на наднационален проект. Во примерите на другите земји ова е единствениот начин за да се направи суштински исчекор кон интеграција во Европската Унија“, рече Османи

Besar Ademi  | 21.07.2017 - Обновена : 22.07.2017
Османи: Само политичкиот и етничкиот консензус ќе ги деблокира интеграциите

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Секретаријатот за европски прашања на Владата на Р. Македонија се одржа трибина посветена на Планот 3-6-9, со кој Владата се обврза за идните реформски приоритети и нивно спроведување. Вицепремиерот на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во присуство на претставниците на граѓанскиот сектор, ги претстави механизмите за координација и следење на имплементацијата на овој план, јавува Anadolu Agency (AA).

Османи нагласи дека периодот од формирањето на новата Влада на Македонија досега беше посветен на повторно враќање на земјата на патот кон евроинтеграциите. Според него, овој период е искористен за координирање на понатамошните чекори за да се деблокира процесот на евроинтеграции.

„Ова треба да го делиме на надетнички, на надпартиски проекти, и на некој начин на наднационален проект. Во примерите на другите земји ова е единствениот начин за да се направи суштински исчекор кон интеграција во Европската Унија“, рече Османи.

Тој нагласи дека во првото тримесечје планот предвидува 73 мерки во вкупно 11 области, пред сѐ во судството, потоа во локалните избори и во Собранието. Османи побара поддршка од опозицијата и од граѓанскиот сектор за имплементацијата на овој план, кој според него е неопходен за една европска Македонија.

„Она што е добро е што дури и самата опозицијата гласаше за интеграција во Европската Унија. Нашиот повик е бидат коавтори на овој план, да ги делиме одговорностите, но и заслугите. Не сакаме само ние да го водиме овој процес како процес само на Владата. Овој процес е на целото општество. Секоја влада и секоја политичка партија во својот мандат поставила камен повеќе на патот кон интеграцијата. Нема решение за да се пробие блокадата на интеграциите, освен политички, етнички, партиски консензус во оваа насока“, истакна Османи.

Од друга страна, Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика, која беше присутна на трибината, истакна дека во координација со група од 70 невладини организации е подготвен документ во којшто се наведени приоритетните мерки во некои области за итни реформи. Таа вели дека забелешка за владиниот план 3-6-9 е вклучување на граѓанското општество во набљудување и консултација на неговата имплементација.

„Повеќето од овие мерки сме ги виделе во Планот 3-6-9 на Владата, но сметаме дека овој план може да се прошири и повеќе. Владата може во овој план да обезбеди најпрвин формални алатки за вклучување на цивилното општество во набљудувањето и консултациите за имплементација на овој план што ние го предвидуваме како мерка“, вели Абази, и додаде дека актуелната влада е отворена за соработка.

Планот 3-6-9 беше одобрен/усвоен на почетокот од овој месец, врз основа на програмата на Владата, договорот од Пржино, Извештајот на Прибе, Венецијанската комисија, Комисијата на ГРЕКО, како и препораките од ОБСЕ-ОДИХР.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.