Балкан

Премиерот Заев допатува во официјална посета на БиХ

Звиздиќ, и Зоран Заев, ќе го посетат Ротимље каде што ќе положат венец на спомен-обележјето на трагично настраданиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и членовите на неговата придружба

Vesna Besiç  | 22.07.2017 - Обновена : 23.07.2017
Премиерот Заев допатува во официјална посета на БиХ

Saraevo

САРАЕВО (AA) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев допатува во официјална посета на Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).

Македонскиот премиер на Меѓународниот аеродром во Сараево го дочека министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ.

Свечениот дочек ќе биде приреден утре, пред седиштето на институциите на БиХ, по што ќе биде одржана и средба на делегациите на Советот на министри на БиХ и Владата на Република Македонија.

Ќе биде потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, од страна на Мирко Шаровиќ, заменик-претседавачот со Советот на министри и министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ, и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

Во текот на посетата ќе биде потпишана и Програма за културна соработка меѓу Министерството за цивилни работи на БиХ и Министерството за култура на Република Македонија, која ќе ја потпишат Адил Османовиќ, министер за цивилни работи на БиХ и Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Македонија.

Според протоколот на посетата, предвидена е и средба со претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ и средба со претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ.

Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе го посетат Ротимље каде што ќе положат венец на спомен-обележјето на трагично настраданиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и членовите на неговата придружба.

Во вечерните часови Звиздиќ и Заев ќе престојуваат во Мостар, каде што ќе присуствуваат на манифестацијата „Mostar Peace Connection“ и ќе ја потпишат Мостарската повелба за мир.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.