политика

Заев: Нашите евро-атлантски перспективи се остварливи

„Сите држави, пријатели на Македонија, сакаат да ја видат земјава просперитетна. Отворени се вратите за соработка со светот. Перспективите ни се на дланка, од нас зависи“

Ivana Ramadanova  | 24.09.2017 - Обновена : 25.09.2017
Заев: Нашите евро-атлантски перспективи се остварливи АА/Архива

Skopje

СКОПЈЕ - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција на којашто информираше за престојот и активностите на владината делегација на 72. Генерално собрание на ОН во Њујорк, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Сите држави, пријатели на Македонија, сакаат да ја видат земјава просперитетна. Отворени се вратите за соработка со светот. Останува да ги спроведеме реформите од Планот 3-6-9. Перспективите ни се на дланка, од нас зависи“, истакна денеска премиерот Заев.

Заев на денешната прес-конференцијата нагласи дека Македонија има подадена рака да продолжи по патот на прогресот.

„Македонските ероатлантски перспективи на сите средби беа во фокусот на разговорите. Светот ѝ честита на Македонија за мирната разврска на политичката криза и за поставувањето на државата на демократскиот пат. Имаме подадена рака да продолжиме на патот на прогресот“, истакна Заев.

Премиерот информираше дека во Њујорк остварил преку 30 средби со светски лидери, високи претставници на меѓународни организации, бизнисмени и претставници на македонската дијаспора. Токму дијаспората, напомена Заев, е подготвена директно да се вклучи, и материјално и со човечки ресурси, за што поголем и побрз развој на земјата.

„Светот ја препознава Република Македонија како земја на развојот. Сите држави, пријатели сакаат да ја видат нашата земја во друштво на стабилните, демократските и развиените држави. Земјите членки на ЕУ и на НАТО, и нашите соседи од регионот ги поздравуваат позитивните и демократски реформи, инклузивните политки и политиките на отворени врати што ги почна Владата во Македонија. Ја имаме потребната поддршка за остварувањето на нашите државни евроатлантски цели што ќе обезбедат достоинствен живот за граѓаните на Република Македонија“, нагласи Заев.

Во поглед на економскиот план, Заев истакна дека голем број светски компании и држави ја гледаат Република Македонија како кредибилен партнер за соработка.

„Шансите за перспективи, за нови работни места за младите, за економски развој, за евроатлантска индина ни се на дланка. Од нас зависи. Ова се оценките со кои се вративме од Њујорк, јас како премиер и владината делегација што беше со мене, министрите за надворешни работи и за дијаспора, Никола Димитров и Едмонд Адеми, како и моите советници и соработници“, рече премиерот.

Македонија излезе од длабока политичка криза со силна внатрешна политичка волја и голема поддршка од пријателите од светот, Македонија е пријател на соседите и цврсто определена да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО. Македонија прави темелни внатрешни промени за развој на демократијата и за економијата и очекува поддршка за реформите и напредокот во стратегиската определба за членство во ЕУ и НАТО, се клучните пораки што ги испратила македонска владина делегација во Њујорк.

„Испративме силна порака за искрена политичка волја за градење добрососедски односи и затворање на сите прашања што стојат како пречка за унапредување на односите. ОН се добар форум за решавање на дел од овие проблеми, но ангажманот мора да дојде и од самите држави коишто се засегнати од предизвиците. Испративме порака дека силно сме посветени на изградба на едно општество, дека се обединивме околу заедничките вредности на демократијата, човековите права, слободните медиуми, независното судство. Во фокусот на нашите политики ги ставаме граѓаните и нивните потреби за вработување, поголеми примања, поквалитетен животен стандард и квалитетно здравство и образование“, потенцира Заев.

Била искажана и позицијата дека Македонија е, и останува на страната на мирот, но и партнер во акциите за стабилност против производството и употребата на нуклеарното оружје и оружјето за масовно уништување, за мирно решавање на конфликтите, како и за заштитата на животната средина и заштитата при природни катастрофи.

Владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев остварила средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со претседателот на Генералното собрание на ОН Мирослав Лајчак, со комесарот на Европската комисија за добрососедски односи и проширување Јоханес Хан, со заменик-помошникот на државниот секретар на Стеј Департментот, Брајан Хојт Ји, средби со премиерите на Белгија, Холандија, Норвешка, Малта, со министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, со заменик-премиерот на Виетнам, со висока делегација на Либералната интернационала.

„Имавме средби со три организации на дијаспората од Македонија: Македонија 2025, Обединета македонска дијаспора и Форумот за демократска Македонија. Разговаравме за начините како може да ги искористиме сите капацитети што ги имаме во државата и во дијаспората за квалитетен животот на граѓаните. Имаме најави дека дијаспората директно ќе се вклучи и со финансиски средства и со човечки потенцијал во развојните процеси на Македонија“, информира премиерот.

Остварена била и посета на „Google Jigsaw“, а се реализирале и состаноци со бизнисмени заинтересирани за промените во Македонија и можностите за инвестирање и отворање нови работни места. Поставени се, оцени Заев, основи за натамошна соработка со оваа светски позната компанија.

Прeмиерот и министрите во рамкитe на 72. Генерално собрание на ОН во Њујорк учествувале и на повеќе настани на високо ниво, додека на маргините на посетата биле дел и од Глобалниот бизнис форум на Блумберг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.