свет

Се враќа животот во сирискиот Ал Баб, децата сонуваат за училишните клупи

На секој чекор од градот се видливи последиците од војната, а граѓаните сега се трудат да го обноват она што може да се обнови

Kerem Kocalar  | 28.03.2017 - Обновена : 29.03.2017
Се враќа животот во сирискиот Ал Баб, децата сонуваат за училишните клупи

Gaziantep

ГАЗИАНТЕП/АЛЕПО (АА) - Керем Коџалар - Откако по три години е ослободен од терористичката организација ДЕАШ, животот во сирискиот град Ал Баб полека се враќа во нормала, а децата сонуваат повторно да одат на училиште, јавува Anadolu Agency (AA).

Децата од овој сириски град беа без образование цели три години, а откако градот е ослободен од припадниците на ДЕАШ, дојде време децата повторно да се вратат во училишните клупи.

Ал-Баб, кој од границата со Турција е оддалечен 30 километри, од јануари 2014 година беше под контрола на ДЕАШ. Во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска (ФСА) ја започнаа на 24 август 2016 година, градот беше ослободен на 23 февруари.

На секој чекор се видливи последиците од војната, а граѓаните сега се трудат да го обноват она што може да се обнови. Додека трае обновата, децата на овој сириски град се обидуваат да уживаат во слободата и сонуваат за враќање во училишните клупи.

Голем број деца им помагаат на родителите во обновата на семејните куќи, додека други работат како овчари во околните села ослободени од ДЕАШ.

Десетици мали овчари можат да се видат на ливадите во селата околу Ал Баб. Нивната желба е што побрзо да продолжат со образованието.

Еден од нив е и десетгодишниот Али Џума, кој за АА изјави дека поголемиот дел од денот го поминува пасејќи ги овците.

На училиште последен пат бил пред три години, а раскажа дека му недостигаат пријателите и учителите.

„На училиште одев две години и тогаш започна војната. Се надевам дека училиштето ќе биде повторно отворено“, истакна ова десетгодишно момче.

Поради нападите на терористите на ДЕАШ, 14-годишниот Муса Али со месеци не излегувал од својот дом.

„Многу сакам да одам на училиште, но го нема. Се надевам дека тие денови ќе дојдат повторно“, порача Муса.

Претседателот на Собранието на Ал Баб, Џемал Осман, пред 15 дена дојде на оваа функција.

Тој истакна дека животот многу брзо се нормализирал и укажа на значењето на образованието за иднината на тој сириски град.

„Со помош на Турција, започнавме да работиме на обновата на училиштата. Целта е во рок од 10-15 дена да отвориме четири училишта“, порача Осман и додаде дека со добро образовани деца ќе биде изградена и подобра иднина на овој град.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın