свет

УНИЦЕФ: Најмалку 22 милиони деца може да умрат доколку итно не им се помогне

Во извештајот на УНИЦЕФ се вели дека од овој број, 1,4 милиони деца во североисточниот дел на Нигерија, Сомалија, Јужен Судан и во Јемен, оваа година може да умрат од неухранетост

Rafiu Oriyomi Ajakaye  | 28.03.2017 - Обновена : 29.03.2017
УНИЦЕФ: Најмалку 22 милиони деца може да умрат доколку итно не им се помогне

Lagos

ЛАГОС (АА) – На најмалку 22 милиони деца во четири земји зафатени со конфликти им се заканува смрт како резултат на болести и глад, освен ако веднаш не им се помогне, објави Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), и повика буџетот за овие земји да се зголеми за 50 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).

Во извештајот на УНИЦЕФ се вели дека од овој број, 1,4 милиони деца во североисточниот дел на Нигерија, Сомалија, Јужен Судан и во Јемен, оваа година може да умрат од неухранетост.

Иако интензитетот на конфликтот e значително намален, Нигерија веќе седма година е уништувана од страна на бунтовниците, што доведе до раселување на милиони луѓе, а десетици илјади се убиени.

Сомалија, Јужен Судан и Јемен се погодени од оружени конфликти, кои однесоа илјадници животи и оставија тешки последици, особено за жените и децата.

„Децата не можат да седат гладни додека да тргнеме во акција. Научивме од Сомалија во 2011 година, дека во периодот кога беше објавена гладта, многумина починаа. Ова не смее да се повтори“, вели во извештајот Мануел Фонтен, директор на УНИЦЕФ за итни програми.

Се истакнува дека УНИЦЕФ ќе бара околу 255 милиони долари (околу 240 милиони евра) за да им се помогне на децата и да им се обезбеди храна, вода, здравствена заштита, образование и заштита во текот на следните неколку месеци.

Најголем дел од средствата, околу 81 милион долари (приближно 74,65 милиони евра) ќе одат на програмите за заштита на прегладнетите деца и за обезбедување терапевтска храна.

Агенцијата наведува дека 53 милиони долари (околу 48,8 милиони) се наменети за здравствени услуги, вклучувајќи вакцини, додека 47 милиони долари (околу 43,3 милиони евра) ќе се издвојата за вода и санитарни и хигиенски програми, за да се спречи потенцијалната смртоносна дијареја.

Во соопштението се вели дека средствата што се потребни за следните неколку месеци, се дел од општиот повик за сите во 2017 година, со цел да се соберат 712 милиони долари (околу 666 милиони евра), што претставува зголемување од 50 отсто во однос на финансиските услови на четирите земји минатата година.

На крајот, во извештајот од УНИЦЕФ се истакнува дека оружените конфликти се главната причина за оваа ситуација, и повикаа на безусловен, непречен и одржлив пристап на децата кои имаат потреба, како и да стави крај на кршењето на правата на децата во земјите погодени од конфликтите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.