спорт

Панучи и официјално нов фудбалски селектор на Албанија

„Уверен сум дека имаме многу добра екипа. Пред нас има уште 4 битни натпревари за квалификации на Светското првенство 2018. Иако пласманот е речиси невозможен, тоа ќе ни послужи како подготовка за ЕУРО 2020“, изјави Панучи

Ekip  | 19.07.2017 - Обновена : 20.07.2017
Панучи и официјално нов фудбалски селектор на Албанија

Tirane

ТИРАНА (АА) - Италијанскиот фудбалски експерт Кристијан Панучи денес и официјално беше претставен како нов селектор на репрезентацијата на Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).

По потпишувањето на договорот со челникот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Арманд Дука, поранешниот италијански репрезентативецизјави дека одлуката за преземање на албанската репрезентација не била тешка и оти главна цел претставува пласманот на Европското фудбалско првенство во 2020.

„Уверен сум дека имаме многу добра екипа. Пред нас има уште 4 битни натпревари за квалификации на Светското првенство 2018. Иако пласманот е речиси невозможен, тоа ќе ни послужи како подготовка за ЕУРО 2020. Едвај чекам да почнам со работата и ќе се обидам на граѓаните на оваа земја да им дадеме убаво фудбалско задоволство. Единствената наша цел е пласман на Европското првенство и ги имаме сите шанси да успееме во тоа“, изјави Панучи.

Панучи на клупата на албанската репрезентација го замени Џани де Бјази, кој „орлите“ ги доведе до Европското првенство во Франција во 2016 година, но кон средината на минатиот месец поднесе оставка. Панучи на денешната конференција во Тирана не штедеше зборови, фалејќи го својот сонародник.

„Де Бјази влезе во фудбалската историја на Албанија, а јас ќе се потрудам да напишам нова со овој тим. Тешко е, но уверен сум дека ќе успееме. Екипата што ја создаде Де Бјази го подигна нивото на албанскиот фудбал“, рече Панучи.

По повеќедневни преговори, Панучи постигна договор со челниците на Фудбалската федерација на Албанија, а претседателот на федерацијата, Арманд Дука, го изрази своето уверување дека ангажирањето на Панучи е вистинскиот избор.

„Тој е едно од најголемите имиња во светскиот фудбал и многу важно име во италијанскиот фудал, со богато искуство на теренот, но можеби скромно на клупата. Уверен сум дека го направивме најдобриот избор поради сите карактеристи што ги поседува овој тренер. Уверен сум дека неговиот тим ќе биде дел од Европското првенство 2020 година“, изјави Дука.

Поранешиот фудбалер на Џенова, Милан, Реал, Интер, Челзи, Монако, Рома и на Парма, со италијанската репрезентација до 21 година освои две европски првенства (во 1994 и 1996), а тренерската кариера ја започна во 2012 година, како асистент на Фабио Капело во репрезентацијата на Русија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.