İlayda Çakırtekin
03 Ноември 2026•Ажурирано: 03 Ноември 2026
Месарница во населбата Кифисија во Атина, наводно, била цел на кибернапад, при што хакери добиле пристап до нејзиниот систем за контрола на ладењето и ја поставиле температурата на 150 Целзиусови степени, објавија денес грчките медиуми, пренесува Анадолу.
Инцидентот го пријавил сопственикот на продавницата, Јоргос Бумпас, кој рекол дека вработените го откриле проблемот кога пристигнале рано наутро, објави дневниот весник „Капитал“.
Отпрвин вработените помислиле дека фрижидерите се расипале и повикале сервисер за системи за ладење, кој на крајот утврдил дека системите биле хакирани.
„Ги поставиле фрижидерите на 150 Целзиусови степени, а ние не можевме рачно да интервенираме бидејќи немавме пристап до системот“, рече Бумпас, додавајќи дека сервисерот успеал да воспостави контрола по два часа.
Тој рече дека сервисерот ги информирал и за слични инциденти и во два други деловни објекти во областа.
Бумпас додаде дека погодените бизниси, вклучително и неговиот, за безбедносни цели соработувале со надворешна компанија за системи за ладење.
Тој рече дека постарите мотори на системите за ладење не биле погодени, а поновите модели опремени со безжична мрежна врска биле загрозени.
Сопственикот додаде дека потоа продавницата ја исклучила својата вај-фај врска, а се очекува сервисерот да најде трајно решение за проблемот.