ОХРИД (АА) - Дипломати од повеќе земји учествуваа на сесијата насловена „Градење доверба преку дијалог“ во рамките на Преспа форумот за дијалог (ПФД), јавува Агенција Анадолија (AA).
Меѓу другите, на седницата се обрати заменик министерот за надворешни работи на Турција, Фарук Кајмакџи, шефот на дипломатијата на Северна Македонија, Бујар Османи, министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, како и шефицата на дипломатијата на Косово, Доника Гарвала-Шварц.
Во врска со процесот на евроинтеграција, заменик-министерот Кајмакџи во својот говор рече дека регионот не треба да биде именуван како „Западен Балкан“ за да се дискриминира Турција како земја кандидат, повикувајќи на сеопфатен пристап.
Тој рече дека за жал досега е видена блокада на дијалогот во различни области, потенцирајќи дека блокадата ѝ штети на самата Европска Унија (ЕУ).
„Блокадата не ѝ помага на ЕУ. Блокадата не ѝ помага на трансформацијата на земјите кандидати. На крајот, можете да го користите ветото ако сакате, но да не дозволиме национализација на политиката за проширување на ЕУ“, рече Кајмакџи.
Тој исто така истакна дека сака да види посилна Европска комисија, како и внимание на заедничкиот европски интерес, што според него е сите да бидат во семејството на ЕУ.
Кајмакџи рече дека Турција го поддржува процесот на интеграција во евроатлантските структури на земјите од Балканот, како и дијалогот меѓу овие земји, потенцирајќи дека неодамна, Турција постигнала успех за има подобар дијалог со Грција.
„Се надевам дека можеме да го видиме истиот дијалог на островот Кипар, каде кипарските Турци и Грците ќе можат да зборуваат за идното управување со јаглеводородните ресурси, што може да помогне во градењето доверба“, рече тој.
Кајмакџи, исто така, истакна дека Турција не ѝ недостасува на ЕУ како целина, „туку таа е столб што ѝ недостасува на Европа и ќе биде геополитички и геостратешки столб на ЕУ кога ќе се приклучи“.
Турскиот заменик-министер за надворешни работи додаде дека дијалогот на високо ниво е суспендиран од страна на ЕУ поради кипарското прашање.
„Што се однесува до дијалогот со ЕУ, состаноците на високо ниво на дијалог се прекинати од ЕУ. Зошто? Бидејќи го имаме кипарското прашање, па не можеме да водиме дијалог за миграцијата, не можеме да водиме дијалог за енергетиката, транспортот. Мислам дека ова не е правилен пристап“, рече Кајмакџи, истакнувајќи ја важноста на работењето на позитивна агенда.
- „Дијалогот без доверба не ги дава посакуваните резултати“ -
Зборувајќи за дијалогот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека ако се зборува за Балканот во кој било временски период, ќе се забележи дека она што недостасува е дијалогот, истакнувајќи ја и важноста на заемната доверба.
„Дијалогот без доверба не ги дава посакуваните резултати, дури и кога дијалогот навидум е успешен“, рече Османи.
Тој наведе дека разочарувањето произлезено поради неуспехот на ЕУ да започне преговори со Северна Македонија и Албанија е големо, додавајќи дека на Западен Балкан му се потребни тешки, сложени и смели одлуки.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, во својот говор истакна дека процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ служел како елемент што го обединил регионот, но додаде дека на ЕУ ѝ недостасува стратешки пристап.
„Верувам дека прашањето пред нас е: Како да го зголемиме стратешкиот фокус на ЕУ кон нашиот регион? До одреден степен ова веќе се случува затоа што ЕУ ја сфаќа штетата на нејзиниот кредибилитет и второ, вакуумите во геополитиката не постојат“, изјави Џачка.
Од друга страна, шефицата на дипломатијата на Косово, Доника Гирвала-Шварц, рече дека дипломатијата на Балканот честопати била злоупотребена за да се блокира вистината и напредокот, додавајќи дека земјите од Балканот треба да зборуваат поискрено едни со други, како и со ЕУ.
„Секој знае дека интеграцијата во ЕУ на целиот регион ќе биде блокирана сè додека Србија го блокира овој пат, одбивајќи да ги прифати реалностите“, рече Гарвала-Шварц.
Да потсетиме, денес и утре во Охрид и Отешево за првпат се одржува Преспа форумот за дијалог (ПФД), со конференцијата насловена „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“.
На официјалната веб-страница на форумот се вели дека ПФД е платформа создадена од Владата на Република Северна Македонија за да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.