Husameddin Gina
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, денес обраќајќи се на регионалниот семинар на тема „Превенција/борба против насилен екстремизам“, истакна дека семинарот ќе помогне во борбата за рана детекција на радикализмот и екстермизмот, и за благовремено дејствување и спречување на, како што ги нарече тој, малигните форми на тие појави, јавува Anadolu Agency (AA).
Организатори на денешниот семинар под наслов „Тренинг на тренерите (Train the trainers)“ се Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот.
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, изјави дека е многу задоволен од тоа што токму во Македонија се разговара за еден од најголемите глобални ризици и предизвици, а тоа е борбата против тероризмот.
„Борбата против тероризмот е една од најглобалните, најголемите зла, и многу е важно сега да развиеме програми не само за тие репресивни мерки, туку да создадеме можност за поврзување со заедницата, за развивање програми за превенција, за дерадикализација на оние што се радикализирани“, изјави министерот Спасовски.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, на денешниот семинар одржан во Скопје истакна дека семинарот е практичен состанок каде што Советот за регионална соработка сака да овозможи да се направи координација помеѓу различните институции на национално и регионално ниво.
„Овој проблем е таков што многу е важно да се работи со локалните заедници, за да се зголеми нивото на отпорност на локалната заедница, кога е во прашање радикализацијата. Ова за што денес разговараме е наменето за експертите, и сакаме тие утре да бидат во состојба да се ангажираат секој во својата заедница, во својата земја, и притоа да знааат кои се нивните партнери од другата страна на границата во регионот“, рече Свилановиќ.
Тој, исто така, нагласи дека утре во Тирана ќе се одржи состанок на министрите за внатрешни работи и министрите за правда од регионот, и на тој состанок ќе се соопштат елементите од акциониот план за тоа како да се соработува со ЕУ.
„Забележано е дека радикализацијата на киберпросторот, суштински е најголемата опасност во овој момент. Сите да се ангажираат за материјалот кој се радикализира да се избрише од интернет-просторот и да се оневозможи повторно поставување на интернет“, рече Свилановиќ, генералниот секретар на Советот за регионална соработка.