Stipe Majic
01 Февруари 2025•Ажурирај: 02 Февруари 2025
ЗАГРЕБ (АА) - По 15-минутниот молк за жртвите од уривањето на настрешницата од Железничката станица во Нови Сад, повеќе стотици студенти од Загреб со громогласен аплауз и овации ги поддржаа своите колеги во Србија, известува Анадолу.
Во знак на солидарност и поддршка за студентите во Србија, на плоштадот Европа се собраа студентите од загрепскиот факултет за политички науки и од Филозофскиот факултет.
Студентите предупредија дека се солидаризираат со борбата против корупцијата што ја започнаа студентите во Србија, која е предизвикана по смртта на 15 лица од уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
„Две писма, иста порака“, „Србите ја рушат власта, во нас будат надеж“, „Не кршете им ги багремите“, „Студенти покрај студенти“, „Хрватска стои покрај блокадите“ се дел од транспарентите истакнати на Европскиот плоштад, со тоа што дел од нив беа испишани и на кирилица.
„Денеска се собравме тука во голем број за да изразиме порака за поддршка и солидарност на нашите колешки и колеги во Србија.
Испраќаме порака за мир и порака дека солидарноста не познава граници, дека сите сме во ова заедно. Нека не се откажуваат и истраат на своите барања бидејќи вистината ќе победи. Какво било малтретирање, заплашување и протерување на европските и хрватските граѓани треба да бидат осудени од страна на Република Хрватска и од Европската Унија. Обидите за превенција на какви било идни сценарија треба да бидат на сила“, по 15 минутниот молк изјави Домагој Фук, студент на Факултетот за политички науки (ФПН).
И останатите хрватски студенти им дадоа поддршка на своите колеги во Србија.
„По 30 години во кои е запрено сè во овој регион, ние сме тие кои ќе станеме и повторно ќе ги придвижиме работите. Гледаме колку не зближуваат сите кавги што постоеле. Загреб, Сплит и Осиек денеска застанаа покрај студентите. Цела Хрватска стои покрај студентите. Еден свет, една борба“, истакна Дајана Ивичич од Студентскиот клуб ФПН.
Ова е трет заеднички собир на хрватските студенти за поддршка на нивните колеги во Србија, со тоа што денешниот собир е најголем досега со неколку стотици студенти и граѓани.
Организаторите ги повикаа сите граѓани да им се придружат и со 15-минутен молк да изразат солидарност и да се спротивстават на насилството врз студентите.
Овие собири доаѓаат на денот кога Нови Сад го слави Денот на градот, а воедно и три месеци од трагичното уривање на настрешницата на реновираната Железничка станица, во која животот го загубија 15 лица.