Fatjon Cuka
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
ТИРАНА (АА) - Албанија и Црна Гора се пример за соработка во регионот и ќе продолжи така и во иднина, беше нагласено денес во Тирана, по состанокот на албанскиот и црногорскиот претседател, Илир Мета и Филип Вујановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Вујановиќ, кој денес престојува во официјална посета на Албанија, со државна почест беше дочекан од страна на неговиот албански колега Мета, а по состанокот, двајцата претседатели одржаа прес-конференција на којашто ги потврдија добрите односи на двете земји.
„Албанија и Црна Гора се пример за соработка во регионот. Успехот на Црна Гора е успех за сите наши земји. Имаме исклучителна граница, која повеќе нѐ спојува отколку што нѐ раздвојува. Многу сме задоволни со одлучувачката и јасна улога што Албанците ја одиграа во Црна Гора, во сите предизвици што се однесуваат на евроатлантската ориентација на Црна Гора. Црногорското малцинство во Албанија е непроценлива вредност за нас и ние ќе сториме сѐ за да го сочуваме и да го развиеме нивниот национален и културен идентитет, бидејќи за земјите со европски менталитет, малцинствата се богатство и мостови на пријателство и соработка“, рече Мета.
Претседателот на Албанија оцени дека Албанија и Црна Гора се во многу позитивен момент.
„Наша должност, како две демократски земји, е дополнително да ја зајакнеме меѓусебната соработка и со земјите од регионот, за да ги зајакнеме параметрите на стабилноста и безбедноста во нашите земји и во регионот, бидејќи на тој начин, максимално придонесуваме за мирот и стабилноста“, изјави Мета.
Црногорскиот претседател Вујановиќ својата посета на Албанија ја оцени како момент за јакнење на пријателството на двете земји, за унапредување на меѓусебните односи.
„Разговаравме и за позицијата на нашето малцинство и оценивме дека малцинствата се мостови на соработка меѓу двете земји. Меѓу нашите земји нема отворени прашања. Имаме простор за работа и заинтересирани сме да го искористиме тој простор во нашите односи, коишто денес се интензивни, во економски цели и кој било друг простор за унапредување на нашите односи. Бараме простор за соработка, не само во областа на економијата, туку и во другите области. Мораме да ги потврдиме регионалните проекти“, изјави претседателот на Црна Гора.
Вујановиќ нагласи дека двете земји имаат иста цел, а тоа е членството во ЕУ.
„Со радост го очекуваме почетокот на дијалогот, овој процес е во добра динамика и Албанија ќе оди со оваа добра динамика. Исто така, ќе го понудиме нашето искуство во дијалогот“, изјави Вујановиќ.
Претседателот на Црна Гора ќе се состане и со другите високи албански официјални лица. За пролетта е закажано одржување на заеднички состанок на Владата на Албанија и на Црна Гора.