Stipe Mayic
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во воведниот говор на почетокот од владината седница особено се осврна на својата посета на БиХ, Мостар, реакциите на јавноста, медиумите, претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ и на својата лична реакција на хашката пресуда на шесте лица од БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Пленковиќ изјави дека при посетата на Мостар испратил порака до БиХ, но пред сѐ до Хрватите како конститутивен народ во БиХ, за кој сака во целост да биде рамноправен со другите два народа и сите други што живеат во БиХ.
„Пред сѐ, Хрватска останува посветена на развивањето на квалитетни добрососедски односи со БиХ, со силна поддршка на БиХ на европскиот пат, реформски пат, пат исполнет со критериуми за остварување на понатамошниот статус за приближување кон Европската Унија и кон Североатлантскиот сојуз“, изјави Пленковиќ.
Кога станува збор за пресудата на шесте лица, тој наведе дека уште еднаш јасно, во разговорот со претставниците на Хрватското народно собрание, сите хрватски политички партии во БиХ, изразил и жалење и сочувство за жртвите поврзани со конкретни казнени дела и злосторства што се наведени во оваа пресуда.
„Но и за сите злосторства што се сторени во БиХ и нивните жртви, особено и за жртвите на хрватскиот народ во БиХ, кои исто така ги имаше во голем број“, изјави Пленковиќ.
Тој рече дека овој вид на длабока почит и разбирање на пораката е исклучително важен и оти Владата на Република Хрватска го испрати.
По вчерашниот говор на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во Советот за безбедност, на завршната седница која ја резимираше работата на Хашкиот трибунал, каде што присуствуваа и претседателот на судот, главниот обвинител и претседателот на новиот механизам, каде што претседателката ги изнесе позициите на Република Хрватска, Пленковиќ истакна дека уште еднаш сака да отстрани некои дилеми што постојат во јавниот простор.
„Мене не ми е баш јасно зошто е тоа така, бидејќи бевме сосема јасни во своите изјави и во нашите оцени“, изјави Пленковиќ.
Тој порача дека Хрватска како одговорна членка на ОН, НАТО и ЕУ, како држава, ја почитува пресудата на Меѓународниот кривичен суд, дека тоа никогаш не било доведено во прашање.
„Но, единствено така можеме и ќе го изразиме нашето незадоволство од некои делови на таа пресуда што минатата недела многу јасно го направивме, особено за оние делови што се однесуваат на одредени аспекти на хрватскиот врв во раните 1990-ти, особено кога тоа ќе го согледаме во целина на активностите што Хрватска ги направи за БиХ и на улогата на Хрватите во БиХ“, рече хрватскиот премиер.
Тој истакна дека доколку не биле Хрватите во БиХ, не би имало ниту мнозинска волја на граѓаните на БиХ на референдумот за независност.
„Не би била одбраната на БиХ, не би постоела како целосна држава каква што ја знаеме денес, и не би имало ни ваков Дејтонски-париски мировен договор, кој исто така го содржи Уставот на БиХ кој е на сила денес“, рече Пленковиќ.
„Како држава што трипати се обиде да биде пријател на судот во 2006, 2016 и во 2017 година, и нашата Влада се обиде на тоа во јуни“, како што смета Пленковиќ, имаат право да ги дадат своите оцени и ставови и многу јасно го сториле тоа.
Тој наведе дека Хрватска ќе продолжи да работи на процесот на помирување и на процесот на соработка со сите земји во опкружувањето, бидејќи Хрватска, вели, дека е одговорна членка на меѓународната заедница којашто сака да се посвети кон иднината и да гради односи втемелени на вистината и на помирувањето.