Fatjon Cuka
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Властите во Албанија реагираа во врска со извештаите дека неколку институции во земјата добиле заканувачки електронски пораки за поставени бомби, јавува Анадолу.
Во соопштение за медиумите, Генералната управа на полицијата на Албанија потврди дека на официјалните електронски адреси на неколку државни институции била пратена заканувачка порака во која се тврди дека во нивните простории се поставени експлозивни направи.
„Државната полиција веднаш започна со проверки. Досега не е утврден ниеден случај на поставување експлозивни направи. Под раководство на Обвинителството, специјализираните структури на Државната полиција продолжуваат со работа за идентификување на изворот на пораката“, се наведува во соопштението на полицијата.
Во врска со случајот реагираше и Агенцијата за медиуми и информирање на Албанија (МИА), која истакнува дека заканувачките електронски пораки што кружат се дел од кампања за дезинформирање, според првичните анализи.
„Државната полиција, АКШИ (Национална агенција за информатичко општество) и АКСК (Национален орган за кибернетска безбедност) продолжуваат со проверките за целосно расветлување на случајот“, се наведува во соопштението на МИА.
Во медиумите е објавена и содржината на една од заканувачките пораки, за која постои сомнение дека е пратена до голем број електронски адреси.
Во електронската порака, за која се тврди дека потекнувала од водач на српска паравоена група, се наведувало дека во зградите на институциите биле поставени експлозивни направи.
Во пораката, исто така, се тврдело дека нападите ќе продолжат сè додека „Косово не биде признаено како српска територија“.