Fatjon Cuka
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Високи претставници на Албанија и Косово, по повод Денот на независноста на Северна Македонија, испратија честитки до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, јавува Агенција Анадолија (AA).
Претседателот на Албанија, Илир Мета, по повод 8 Септември испрати честитка до својот колега Пендаровски, нагласувајќи дека двете земји имаат изградено многу добрососедски односи.
„Среќен сум што можам да констатирам дека благодарение на визијата и заедничките европски и евроатлантски интереси, во последните три децении изградивме многу добрососедски односи и соработка во сите области, во најдобар интерес на нашите две земји и нивните граѓани“, изјави Мета во својата порака објавена на социјалните мрежи.
„Изразувам убедување дека големо влијание во зајакнувањето на соработката меѓу нашите две земји играше, и понатаму игра, континуираното обраќање и подобрување на меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците. Албанците во (Северна) Македонија и македонската заедница во Албанија се силни вредности и мостови на пријателството и соработката“, додаде тој.
Мета во својата порака до Пендаровски исто така рече дека „парламентарните избори во јули сигурно ќе дадат многу позитивен стимул во процесот на евроинтеграција на вашата земја, служејќи на тој начин и за зајакнување на безбедноста, мирот и просперитетот во целиот регион“.
Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, во пораката испратена до премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вели: „На овој ден на прослава, ние се радуваме на успесите на Република (Северна) Македонија на патот за зајакнување на демократските институции и евроатлантските интеграции.“
„Мојата влада е решена да ги продлабочи нашите одлични билатерални односи, во корист на просперитетот и иднината на нашите две земји“, напиша Хоти во пораката објавена на социјалните мрежи.