Fatjon Cuka
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагираше во врска со неизведувањето на албанската химна на еден настан во Пустец, на кој присуствуваше и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, пренесува Анадолу.
Во соопштението за медиумите Министерството изрази жалење што на културен настан одржан вчера во Пустец, со учество на премиерот на Северна Македонија и градоначалникот, не била изведена и албанската државна химна, покрај химната на Северна Македонија.
„Иако настанот бил организиран од локално здружение, присуството на високи институционални претставници и локални избрани функционери му даваше посебна јавна димензија. Во овој контекст, неизведувањето на албанската државна химна претставува сериозен пропуст и отстапување од пишаните и непишаните правила на учтивост и протокол, кои бараат и наложуваат почитување на националните симболи, покрај оние на заедниците што ги претставуваат“, се наведува во соопштението.
Исто така, се наведува дека почитувањето на националните симболи не треба да биде прашање на политика или толкување и се додава дека тоа е дел од институционалната етика, протоколот и, „пред сè, меѓусебната почит, особено во простор каде што коегзистираат различни заедници и идентитети“.
„Во Пустец, како и во секој дел од Република Албанија, почитувањето на националните симболи е дел од почитта кон самите граѓани, кон вредностите на демократскиот соживот и граѓанската култура што нè обединува. Тоа, исто така, е темел на добрососедството и здравите односи меѓу луѓето и нашите држави“, се наведува во соопштението.
На вчерашниот културен настан во Пустец, Албанија, каде што живее главно македонско национално малцинство, а на кој присуствуваше и Мицкоски, беше објавено дека не била интонирана албанската химна, туку само химната на Северна Македонија.
Оваа ситуација предизвика реакции во Албанија, вклучително и од институциите.
Се известува дека градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, реагирал во врска со интонирањето само на химната на Северна Македонија, а не и на албанската химна на почетокот на настанот, истакнувајќи дека побарал да биде изведена и албанската химна.