Besar Ademi
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
ТАБАНОВЦЕ (АА) – Во прифатно-транзитниот центар за бегалци во Табановце на македонската северната граница, 84 бегалци, од кои половина се деца, остануваат заглавени без да знаат што ќе се случи со нивната судбина во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
Бегалците кои како цел на својот пат на надежта ги имаат европските земји, во разговор за Anadolu Agency (АА) истакнуваат дека во овие студени зимски денови е навистина тешко да се живее во контејнерите сместени во кампот, за кои бегалците велат дека често се случува да остануваат без струја. Во овие контејнери најмногу може да престојуваат четири лица, додека во нив има греење и светла.
Хуманитарните организации и Црвениот крст на Република Македонија со нивните капацитети се обидуваат да обезбедат основни услови за живот, но бегалците велат дека тоа не е доволно, како и дека се случува да останат без топла вода и без доволна количина на храна.
Сириецот Мухамед Асим веќе 11 месеци живее во транзитниот центар со неговото петчлено семејство. Тој вели дека не ја знае причината зошто не му е дозволено да го продолжи своето патување кон европските земји, додавајќи дека е подобро да се врати назад во Грција или Турција, отколку да живее во овие тешки услови за живот.
„Колку подолго ќе останеме во Табановце, толку повеќе ќе се отежнуваат условите за живот, особено со нашиот мал внук во овие ниски температури кои достигнуваат и до -20 Целзиусови степени. Понекогаш дури и се плашиме да не умреме, а се случува да имаме проблеми со електрична енергија и немаме со што да се стоплиме. Јас не знам како да го именувам ова место, но можам да кажам дека е како затвор“, изјави Мухамед за АА.
Ибрахим Салих од Ирак, кои веќе три месеци живее во транзитниот центар во Табановце, рече: „Ние секогаш имаме проблеми тука. Имаме проблеми со електрична енергија, немаме топла вода да ја переме облеката, а водата во купатило е целосно замрзната. Не сакам да останам тука, сакам да го напуштам ова место.“
- Министерот за внатрешни работи на Македонија во посета на децата во транзитниот центар во Табановце
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Агим Нухиу, денеска ги посети децата бегалци во транзитниот центар во Табановце и подели разни подароци. Нухиу за АА рече дека како прв човек на МВР,, освен менаџирањето со бегалската криза, на луѓето кои дошле од Блискиот Исток, исто така, чувствува обврска да го почитува и достоинството на сите овие луѓе, без оглед на околностите и состојбата во која се наоѓаат моментално.
Запрашан во врска со состојбата и условите на бегалците заглавени на територијата на земјата, Нухиу рече дека не дошол во посета на транзитниот центар за инспекција на условите, туку дошол да им понуди на децата, како што рече, моменти на љубов.
„Затоа, јас дојдов тука во посета на децата во овој камп во Табановце, за да се обидам да им понудам моменти на задоволство во текот на денот“, рече Нухиу за АА.
Инаку, на целата територија на Македонија остануваат заробени околу 220 бегалци евидентирани со документи, од кои освен во Табановце, 88 се наоѓаат во прифатно-транзитниот центар на јужната граница во Гевгелија, 31 во центарот за азил во Визбегово во Скопје, и 15 во прифатниот центар во Скопје, во општина Гази Баба.
Од УНХЦР велат дека условите во транзитните центри во Табановце и Гевгелија се наменети за престој само за неколку часа и дека се добри за тоа, но овие центри не се соодвенти за подолг престој на бегалците. УНХЦР нагласува дека на овие луѓе им е потребна поголема слобода на движење и соодветни услови за подолг временски период.