Shpetim Hiseni
07 Септември 2026•Ажурирано: 07 Септември 2026
Осум лица починале досега од невроинвазивната форма на западнонилска треска во Северна Македонија, додека осум пациенти со оваа дијагноза во моментов се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, пренесува Анадолу.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, на прес-конференција информираше дека осмата жртва е 70-годишен пациент, кој на 25 август бил примен во многу тешка состојба.
„За жал, во текот на викендов е регистриран и еден смртен исход на 70 годишен пациент, осми по ред пациент, кој беше примен на клиниката на 25 август во една изразито тешка општа состојба. Веднаш по приемот беше сместен во одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход”, рече Цана.
Од осумте хоспитализирани пациенти, двајца се со потешка клиничка слика, интубирани се и се на механичка вентилација во одделот за интензивно лекување.
Цана истакна дека веќе четири дена на Клиниката не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска. Според него, пациентите кои се лекуваат на Клиниката се заразиле во земјата.
Западнонилска треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку убод од заразени комарци. Повеќето заразени лица немаат симптоми или развиваат благи симптоми, но кај мал дел може да се развие невроинвазивна форма, која може да предизвика воспаление на мозокот или мозочните обвивки и да биде животозагрозувачка.