Zülfiya Yakup
16 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Прашањето за возот не треба многу да се политикува, тоа беше вештачка провокација на Владата во Белград, изјави денес Кадри Весели, претседател на Собранието на Косово, како и претседател на Демократската партија на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Весели им се заблагодари на сите косовски институции, меѓу кои, како што оцени, постоела исклучителна соработка, а особено на припадниците на полицијата кои без никаква провокација покажале дека Косово е држава и дека тука не може да работи кој што сака. Според неговите зборови, Косово не зависи од Србија, и влијанието на Белград во Косово е завршено.
„Како и да е, граѓаните во Косово треба да имаат целосна доверба во институциите во Република Косово и силна доверба во суверенитетот на Република Косово. Нема да дозволиме никаква провокација, нема потреба за провокативно исцртани возови, имаме потреба за транспорт на граѓаните што ја промовира слободата на движење“, изјави Весели по седницата на Претседателството на Собранието на Косово.
Исто така, тој нагласи дека Српската лига треба да се врати во Собранието на Косово, за да го даде својот придонес во работата на Собранието, а особено кога се има предвид дека според Уставот е потребна согласност и од Србите за многу важни закони како што се Законот за верските слободи, трансформацијата на безбедносните сили во вооружени сили и демаркација на границите со Црна Гора.
„Демаркацијата ѝ наштети многу на политичката сила на институциите на Република Косово, на нашиот суверенитет. Ние треба точно да ги одредиме границите, нашиот суверенитет, за да не ги толерираме вештачките провокации што се случуваат, како што е прашањето со возот. Во наш интерес е откако ќе го завршиме означувањето на границите со Црна Гора, веднаш да завршиме со означувањето на границите со Република Србија“, изјави Весели.
Тој нагласи дека и ѕидот што Србите го подигнале покрај мостот на Ибар, во северниот дел на Митровица, ќе биде срушен до крајот на јануари, како што е побарано со резолуцијата на Собранието на Косово.
„Sидот е вештачки и тој е провокација на Србија. Sидот ќе биде срушен. Ги повикувам нашите граѓани да имаат повеќе доверба во својата држава за која се жртвуваа“, порача тој.
Весели истакна дека ѕидот го изградила Владата од Белград, за Косово да го направи нестабилно и така ги оддалечи странските инвеститори од Косово.
Пролетното заседание на Собранието на Косово започнува в четврток, со интерпелацијата на премиерот Иса Мустафа на барање на опозициската партија Самоопределба, токму за ситуацијата во северниот дел по изградбата на ѕидот во Северна Митровица.