Miki Trajkovski
06 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
ОХРИД (АА) - Со откривање на спомен плоча поставена на електричен фенер на градското пристаниште во Охрид беа одбележани 100 години од поставувањето на првата електрична светилка во градот од страна на Австриската војска во далечната 1916 година, јавува Anadolu Agency (AA).
За овој настан во градскиот архив во Охрид постои фотографија и пишан документ. Плочата на која стои „100 години од првиот електричен фенер во Охрид“ е напишана на македонски и германаски јазик.
Никола Митровиќ историчар рече дека на овој начин Охрид покажува дека ја негува својата урбаната историја.
„Нејзиниот историјат е многу интересен бидејки Балканот, а особено нашето подрачје од секогаш бил раскрсница на бројни култури, традиции и војски. Така во таа прва светска војна, австриските војски кои биле стационирани особено во градот Охрид преку една фабрика ги репарирале своите оружја. Електричните погони ги користеле навечер за осветлување и така се создале неколку канделабри односно улични светилки со електрично напојување. Денес каде што бил првиот таков канделабар сме сведоци на едно откривање“, рече Митровиќ.
На свеченоста присуствуваа и амбасадорката на Австрија во Македонија Ренате Коблер и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер.
„Пред 100 години од практична примена доведено е светло во градот Охрид, во светиот град Охрид.Многу парови навечер ќе може да прошетаат освен покрај светлото од месечината и покрај оваа светилка“, рече амбасадорката Коблер.
Претседаелката на советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска рече дека станува збор за материјален споменик кој ќе биде потсетник на нешто значајно што се случувало во Охрид во минатото.