Zylfije Adem Jakupi
14 Ноември 2020•Ажурирај: 16 Ноември 2020
ПРИШТИНА
Во Косово синоќа стапија на сила новите мерки на Владата поради големиот број заразени со коронавирусот (Ковид-19), во рамките на кои за граѓаните на Приштина и за уште осум општини во 19 часот синоќа започна полициски час што траеше до 5 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во главниот град на Косово, Приштина, каде што има најголем број заразени, полицискиот час е испочитуван. Плоштадите и угостителските објекти ги затворија своите локали, а граѓаните се повлекоа во своите домови. Припадниците на Полицијата на Косово ја надгледуваат примената на новите владини мерки.
Според новата владина одлука, сите 38 косовски општини се поделени во три категории, зелена, жолта и црвена, во зависност од бројот на заразени на 100.000 жители за една недела.
Најголемиот ризик е во општините од црвената зона кои ја надминуваат бројката од 150 заразени во една недела. Во црвената зона се Приштина, Косово Поље, Подујево, Обилиќ, Гњилане, Пеќ, Ѓаковица, Штимље и Урошевац. Во тие општини полицискиот час почна во 19 часот и траеше до 5 часот наутро. Овие општини во тој интервал се исто така во карантин, што значи дека не е дозволен влез и излез на нивната територија.
Во општините со среден ризик, во кои бројот на заразените се движи од 75 до 150 жители за една недела, дозволена е работа на стопанските субјекти од 5 до 18 часот. Угостителството по 20 часот може да врши само услуги за носење.
Во општините од зелената зона во кои има 75 инфицирани за една недела, се дозволува работа на стопанските субјекти од 5 до 20 часот. Угостителството по 20 часот може да пружа само услуги за носење. Во зелената и жолтата зона градскиот превоз и таксистите ќе можат да работат со максимално 50 отсто од своите капацитети.
Универзитетското образование потполно преминува на онлајн настава. Училиштата ќе продолжат да работат нормално, но секое училиште одлучува поединечно, во зависност од ситуацијата, дали треба да премине на онлајн настава.
Оваа одлука ќе биде оценета по две недели, во зависност од епидемиолошката ситуација во земјата и важи додека не биде донесена друга одлука.
Националниот институт за јавно здравје на Косово соопшти дека во последните 24 часа починале 13 пациенти од последиците на Ковид-19, а се регистрирани и 963 новозаразени случаи, што е речиси една половина од тестираните. Моментално има 10.191 случај на активно заразени.