Abdula Berısha
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваа на одбележувањето на почетокот на изградбата на новата зграда наменета за Одделот за кримтехника, вклучувајќи и форензички лаборатории за потребите на Министерството за внатрешни работи (МВР), јавува Агенција Анадолија (AA).
Посочувајќи ја желбата да се заврши објектот до крајот на следната година, премиерот Заев рече дека новиот објект ќе отвори нова страница за кримтехниката во Северна Македонија, додавајќи дека тоа ќе влијае на услугите на судството.
„Уверен сум дека оваа инвестиција ќе даде голем придонес во правосудниот систем во нашата држава, бидејќи услугите што ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата. Придобивките од условите кои ги нуди новиот објект ќе ги имаат најмногу граѓаните како крајни корисници на услугите. Модерната форензика ќе биде од придонес за поголема ефикасност и ефективност на судските постапки со навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења“, рече Заев.
Премиерот додаде дека вкупната инвестиција изнесува над 3 милиони евра во рамките на ИПА фондовите, додавајќи дека Владата на Северна Македонија останува партнер во унапредувањето на работните услови.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека објектот ќе биде опремен според највисоките стандарди во областа на кримтехниката и форензиката.
„Практично, ние денеска отвораме ново, исклучително значајно поглавје во хронолошкиот развој на службата за криминалистичка техника, реално очекувајќи дека тоа ќе има свој конкретен одраз не само во поквалитетното работење на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, хармонизирано со најдобрите европски и светски полициски практики и искуства, туку и на сите други организациски единици на полицијата, чијашто работа е во тесна спрега со овој оддел“, рече Спасовски.
На означувањето на почетокот на изградбата присуствуваа и други службеници и вработени во МВР.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за одложување на предвремените парламентарни избори, кои се предвидени за 12 април, Заев рече дека сака изборите да се одржат на овој датум, но истакна дека неговата партија би можела да ја разгледа можноста за одложување.
Како што изјави, опозицијата блокира неколку закони во Собранието на Северна Македонија, вклучително и закони со кои се предвидува зголемување на платите и пензиите, за кои Заев смета дека се важни за граѓаните на земјата.
Премиерот истакна дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), партијата што тој ја раководи, в петок ќе одржи состанок на Централниот совет на кој може да се разговара за одложувањето на изборите поради блокирањето на законите од страна на опозицијата во Собранието.
За време на состанокот на лидерите на партиите, свикан во октомври од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, тие се согласија предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април следната година. Според законите, 100 дена пред датумот на изборите треба да се формира техничка влада.