Husamedin Gina
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Под мотото „Нула смртни случаи од беснило до 2030 година“ и годинава Агенцијата за храна и ветеринарство се вклучи во глобалното одбележување на 28 Септември – Светскиот ден за борба против беснилото, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод Светскиот ден за борба против беснило, во Скопје, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарната комора на Македонија, се одржа тркалезна маса на која беа презентирани законските рамки и предизвиците за унапредување на целосниот систем за заштита од болеста.
Пред почетокот на тркалезната маса, изјава за медиумите дадоа Фирус Мемед, заменик-директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, и Томислав Николовски, претседател на Ветеринарната комора на Македонија.
Истакнувајќи дека Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано презема активности за контрола и одржување на позитивната епидемиолошка состојба со беснилото, заменик-директорот Мемед рече дека во последните 30 години оваа болест се нема појавено кај животните, освен кај една мачка во 2012 година во Радовиш.
„Ние продолжуваме со оралната вакцинација два пати годишно како ветеринарна институција и врз основа на обавените орални вакцинации земаме примероци преку ловните друштва, се прават анализи и будно ја следиме целокупната состојба“, нагласи Фирус Мемед.
Томислав Николовски, претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, рече дека нашите закони од областа на здравствената заштита на животните и на здравјето на луѓето се усогласени со европските.
„Сметам дека треба уште многу да се направи, да се делува на свеста на луѓето чуватели на домашни миленици, да се подигне нивната одговорност, практично од аспект и на благосостојба, а посебно во однос на здравствената заштита на животните, каде што клучно прашање е токму вакцинацијата против беснило“, нагласи Николовски.
Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарната комора на Македонија, исто така, упатија апел до граѓаните за одговорно чување на милениците и нивна вакцинација против беснилото.
Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија, последниот случај на заболен човек од беснило е евидентиран во далечната 1976 година.
Во светски рамки оваа опасна болест одзема по 70 илјади човечки животи на годишно ниво.
Поради својата јавно-здравствена важност и тежина, Светската здравствена организација го одреди 28 септември за Светски ден за борба против беснилото. Одбележувањето почна во 2007 година.