Admir Fazlagic
08 Март 2018•Ажурирај: 09 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, денеска во Скопје со паролата „Дали навистина е среќен?“ се одржа Марш за правата на жените во организација на „Платформата за родова еднаквост“, јавува Anadolu Agency (AA).
На маршот, кој традиционално и симболично започна од „Жена парк“, освен голем број жени од различна возраст и различна етничка припадност, присуствуваа и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за здравство, Венко Филипче.

Снешка Илиќ, која е дел од Платформата за родова еднаквост, во изјава за медиумите рече дека овој марш е само една од активностите за борбата за правата на жената и подобрувањето на нејзиниот статус во општеството.
„Во 2018 година сакаме гласно да го осудиме насилството врз жените кое во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина неадекватно се осудува и казнува. Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме нашите татковци, нашите браќа и нашите сопрузи и синови да се солидализираат со жените во Македонија и заеднички да ги отфрлиме етикетите и стереотипите и да кажеме 'не' на омразата, на насилството и жените“, рече Илиќ.
Додаде дека со овој марш се повикуваат и политичарите вистински да се заложат за родовата еднаквост и да преземат конкретни чекори кои ќе им овозможат на жените еднакви социјални, економски и политички можности.
Учесниците на денешниот марш изнесоа и неколку податоци укажувајќи на положбата на жената во општеството во Р. Македонија. Притоа укажаа дека на локалните избори во 2017 година, од вкупно 208 кандидати за градоначалници, само 12 биле жени, што е помалку од 6 отсто од вкупната бројка на кандидати. Потсетија и дека стапката на малолетнички бракови е во пораст, и дека Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новодоренчињата во Европа.

Учесниците на маршот укажаа и на потребата од зголемувањето на бројот на гинеколозите, изјавувајќи дека еден гинеколог се грижи за приближно 7.000 жени осигуренички. Исто така, беше нагласена и потребата за подобрување на статусот на жената од економски аспект.
„Само 33,8 отсто од работоспособните жени се вработени, иако се пообразовани, најчесто се на подредени позиции. Мнозинството жени во земјата сè уште работат на најлошо платени места во текстилната, чевларската и кожарската индиустрија“, истакнаа од Платформата за родова еднаквост на денешниот марш.
Министерката за труд и социјална политика на Р. Македонија, Мила Царовска, во изјава за медиумите рече дека токму со присуство на министри и премиер на Македонија на овој марш покажуваат дека Владата вистински се залага и вложува во родовата еднаквост на Македонија.
„Наместо подароци и прослави, денеска секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша што во минатата година направи за родовата еднаквост, и што во наредната година ќе направи за родовата еднаквост. Само така ќе постигнеме едно општество коешто е инклузивно“, порача Царовска.
„Искрено веруваме дека само со силни жени, жени со свои права, права коишто ќе ги штити државата, оваа држава ќе може и економски и социјално, па и демографски да оди напред“, изјави Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на Република Македонија.
Таа додаде дека од наведените причини, Владата даде предлог и беше усвоена Истанбулската конвенција за превенција и борба против семејното и насилството врз жената, на чие усвојување, како што рече, со години се чекаше.
Исто така, во својата изјава, министерката Шекеринска потсети дека во Собранието на Република Македонија денеска има околу 45 проценти жени.
Според бројноста на населението (состојба 30.06.2016), во Република Македонија има 2.072.490 жители. Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население е речиси подеднакво, 49,9 % од населението се жени, односно над 1.015.000, a 50,1% се мажи. Податоците на ДЗС покажуваат и дека жените во Македонија се подолговечни од мажите, т.е живеат 3,9 години подолго од мажите.