Admir Fazlagic
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани граѓани во организација на неколку граѓански здруженија протестираа вечерва во Скопје, за, како што велат, одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна пред зградата на ЕУ Инфо центар во Скопје, од каде собраните граѓани тргнаа со пароли на кои пишуваше: „Сите за унитарна Македонија", „Едно име имаме", „Името не го даваме", „Грција - запри со расизмот", а продолжи кон Собранието на Република Македонија од каде граѓаните ги искажаа своите барања.
Собраните граѓани најпрвин потсетија дека пред година дена започнаа граѓанските протести на здружението „За заедничка Македонија“ и побараа да бидат ослободени лицата кои се во притвор поради настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.
Учесниците на протестот истакнаа дека вечерашниот протест е, како што велат „протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата."
Од Светскиот македонски конгрес, како едни од организаторите на вечерашните протести порачаа дека бараат да се стави крај на разговорите за спорот со името помеѓу Македонија и Грција, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот за добрососедство со Бугарија, ослободување на притворените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април.
Исто така, граѓаните кои протестираа порача и дека отфрлаат референдум за името, барајќи, од власта, како што велат, да се откаже од намерата за промена на името.
Најавија дека барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија и до сите странски амбасади во Македонија.
Собраните граѓани порача дека доколку Владата не ги прифати барањата, бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори.