Admir Fazlagic
05 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Утрово во 7:00 часот се отворени избирачките места низ Северна Македонија, со што започна вториот круг од гласањето за избор на претседател на оваа држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места ќе бидат отворени до 19:00 часот. На претседателските избори се гласа на 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје и на 32 избирачки места во странство.
Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин, од кои денеска можат да гласаат 1.726.696 граѓани, а останатите (затворениците, раселените и немоќните лица) се наоѓаат на посебен избирачки список, и своето право на глас можеа да го искористат во текот на вчерашниот ден.
Кандидати за претседател на Северна Македонија во вториот круг од изборите се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, и Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
По гласањето од првиот круг од изборите, ДИК информираше дека Пендаровски освоил 323.892 гласа, Гордана Силјановска-Давкова - 319.364 гласови, а Блерим Река, поддржан од опозициските албански партии Алијанса на Албанците и Движењето БЕСА освоил 79.921 глас. Во вториот круг се натпреваруваат двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, односно Стево Пенадровски и Гордана Силјановска-Давкова, додека Река, како трет, според бројот на освоени гласови, нема право на учество во вториот круг од изборите.
ДИК информираше дека во првиот круг од претседателските избори своето право го оствариле 755.816 гласачи од запишаните 1.808.131, односно излезеноста била 41,85 отсто.
- Закони -
Според македонските закони, доколку во првиот круг не се избере претседател, ако ниту еден од кандидатите нема освоено најмалку 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список, се одржува втор круг, во кој се натпреваруваат двајцата првопласирани кандидати од првиот круг. Излезноста на изборите треба да изнесува минимум 40% од вкупниот број регистрирани гласачи, за гласањето да се смета за важечко.
Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април.
Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори.
Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржува и втор круг од предвремени локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село.
Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за предвремените локални избори во Охрид право на глас имаат 52.303 граѓани, а во Ново Село 11.365 граѓани.
Избори беа распишани и во Дебар, но таму градоначалник беше избран во првиот круг, кога победи Хекуран Дука од Демократската унија за интеграција (ДУИ).