Stipe Majic
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
ЗАГРЕБ (АА) - На вториот ден од посетата на Брисел, претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ одржа состанок со главниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие разговараа за илегалните миграции, стабилноста на регионот со акцент на БиХ, и издвојувањата на Хрватска за НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Се соопштува дека во обраќањето по состанокот Грабар-Китаровиќ кажала дека Хрватска останува посветен сојузник и сака да работи на споделување на товарот и трансатлантските интеграции.
„Хрватска е земја која доживеа подолга рецесија од другите членки на НАТО. Сакаме да одиграме важна улога во делењето на товарот, но и во мисиите ширум светот, во контекст на НАТО, Унијата и други. Верувам дека Хрватска сега навистина стана земја која повеќе не е онаа која прима помош и ги користи своите ресурси и искуства за справување со заканите на Алијансата“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа додаде дека со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, разговарала за улогата на НАТО во контекст денешните закани и настани, како што се нелегалните миграции.
Таа наведува дека Хрватска ги согледала различните модели за зголемување на вложувањето во одбраната во следната деценија.
Хрватската претседателка порача дека на Хрватска и е важно она што се случува во Југоисточна Европа, како и начинот на кој се справуваат со третите земји надвор од регионот кои би сакале да влијаат на настаните во нивните земји.
„Мислам дека е неопходно да се постигнат сите критериуми за членство“, рече претседателката додека зборуваше за членството во ЕУ на земјите од регионот, додавајќи дека е задоволна што е постигнат договор меѓу Атина и Скопје околу името за Македонија.
Грабар-Китаровиќ порача дека Хрватска посветува многу внимание на Босна и Херцеговина и смета дека акциониот план за таа земја е многу важен.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека донеле одлука да инвестираат во одбраната во Велс во 2014 година, и се согласиле да престанат да го намалуваат буџетот и да ги зголемат двата проценти за НАТО.
Тој додаде дека со хрватската претседателка разговарал за ситуацијата во југоисточна Европа и истакна дека тоа е важно за цел НАТО и за цела Европа.
„Стабилноста и безбедноста во овој регион е нешто од кое цела Европа има корист“, изјави Столтенберг,
Главниот секретар на НАТО заклучи како ја цени улогата која Хрватска ја има во придонесувањето на стабилноста во регионот.