Besar Ademi
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Додека во Собранието на Република Македонија веќе на 20-тиот ден се одржува седницата од конститутивната седница за формирање на Комисијата за прашања на избори и именувања, по што треба да се избере нов претседател на Собранието, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, рече дека „државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси и Македонија да добие институции коишто ќе работат со полн капацитет и да продолжи да се движи напред”, јавува Anadolu Agency (AA).
На дебатата што се одвива во Собранието за говор беа пријавени 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, од кои мал број од нив го имаат искористено нивното право на говор. Членовите на партијата бараат отфрлање на т.н. ”Тиранска платформа” и бараат нови парламентарни избори заедно со локалните.
Во меѓувреме, од СДСМ сметат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми кои не се однесуваат на точката на дневниот ред. Тие бараат да се премине на гласањето на следната точка на дневен ред, односно изборот на претседател на Собрание.
Лидерот на СДСМ вели дека сето она што се може да се слушне при дебатата во Парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ не е точно. Тој истакна дека никој не барал нешто надвор од Уставот и законите на Република Македонија.
„Државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси и Македонија да добие институции коишто ќе работат со полн капацитет. Ја преземаме обврската да продолжиме со демократските процеси со избор на нов претседател на Парламентот и тоа токму од редот на оформеното и декларирано мнозинство коешто постои во Парламентот. Лага е дека ќе се менува уставот, лага е дека ќе се носат закони спротивни на уставот. Лага е дека Македонија ќе биде бинационална држава. Лага е деќа ќе има федерализација или кантонизација. Лагае дека ќе се менува уставното име и идентитетот на Република Македонија. Лага е дека ќе се менува знамето, химната и грбот на државата.Сето ова што го слушавте во репликите што сами на себе си ги правеа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за да ги закочат демократските процеси е чиста лага.”, изјави Заев.
Тој додаде дека ќе има закон со кој ќе се уреди употребата на албанскиот јазик и на јазиците на малцинствата во Македонија, но сето тоа ќе се оствари во согласност со законите и Уставот на Република Македонија.
Според него, националистичкиот концепт на чиста Македонија нема иднина, но единствената иднината на оваа земја е општество за сите. Коалицијата која ја предводи, рече тој, има за цел да реформска влада која ќе ја заштитува унитарниот карактер на државата и ќе обезбеди квалитетен живот за граѓаните, како и подобрување на евро-атлантските перспективи.
Тој предупреди дека ако дебатата продолжи да се одолговлекува, неговата партија и коалициите кои ја поддржуваат неговата партија, ќе го изберат претседателот на друг начин, но во согласност со Уставот.
„Уставот,деловникот, законот за собрание ги дава сите можности, можеме тоа да го направиме во пленум. Дај Боже тоа да биде во пленеумската сала, можеме да го направиме во салата каде што се одржуваат комисиите,можеме во било која сала, можеме кај скалите каде што се слика владата со лично изјаснување на секој, согласно деловникот. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати да преминеме на четвртата точка и по пат на дискузии да дојдеме до избор на претседател на СОбранието ”, изјави Заев, истакнувајќи дека ова може да се оствари и надвор од просториите на Собранието.
- ВМРО-ДПМНЕ: Повикот за избор на собраниски спикер е повик за државен удар
Од друга страна, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, рече дека повикот за избор на претседателот на Собранието од страна на лидерот на СДСМ е повик за конфликт, тензии и државен удар. Тој смета дека таквиот потег би можел да има големи последици за земјата, поради што ќе изгубат граѓаните.
„Повикот за нелегитимен избор на претседател на Собранието на Република Македонија е повик за конфликт, повик за тензии, е повик за државен удар. Таквиот повик за конфликт кој Зоран Заев и неговите послушници сакаат да го направат може да предизвика голема штета, долгорочни и ненадоместливи последици за стабилноста и демократијата во Македонија.Од државниот удар којшто Зоран Заев очајнички се обидува да го изврши во изминативе три години најмогу ќе изгубат македонските граѓани без разлика на која националност и припаѓаат. Претседател на Собранието може да се избере само во Собранието, во МАНУ се избира претседател на МАНУ, на Правниот факултет се избира декан на Правниот факултет, а пратениците на легитимна и деловничка седница избираат претседател на Собранието. Според Устав, закон и Деловник, секој друг обид за избор на претседател на Собранието ќе биде создавање паралелни институции на кои ќе се радуваат негаторите на македонската државност денес и во изминатите две три децении”, изјави Милошоски.
Тој додаде дека „притисокот на лидерот на СДСМ за спроведување на барањата на Тирана е голем, па затоа и брза”.
Според СДСМ, парламентарно мнозинство кое е составено од 69 пратеници има право да помине на точката на изборот на претседателот на Собранието и истиот да го избере, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквото дело е надвор од регулативата и не може да се премине на друга точка пред да заврши претходната.
Инаку, конституивната седница започна на 30 декември 2016 година, но беше прекината поради тоа што не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието на Република Македонија.