Husamedin Gina
01 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во однос на отворањето на границите со соседните земји без приложување на ПЦР-тестови за коронавирусот (Ковид-19) истакна дека во Владата се водела дискусија и дека ќе внимаваат и на здравствениот и на економскиот аспект на тоа прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Владата, Зоран Заев, по повод првиот училиштен ден во оваа учебна година, го посети Основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Скопје, каде што имаше обраќање пред учениците.
Веднаш по обраќањето, премиерот Заев даде изјава за медиумите на која одговараше за актуелните случувања во земјата.
На новинарско прашање дали некои министри од Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) се против отворање на границите со соседните земји без ПЦР-тестови, премиерот Заев рече дека во Владата имало дискусија за отворање на границите, на која биле приложени аргументации за или против отворање на границите.
„Отворивме дискусија, се јавија министри и ги кажаа сите предности на отворањето на границите, пред сѐ од економски аспект, за потребите на граѓаните, секако, отворајќи ги и дискусиите за сите, така да ги кажам, проблематични ситуации кои би можеле да се јават од здравствен аспект“, изјави Заев.
Истакнувајќи дека на седницата на министерот за здравство му се дадени укажувања на кои аспекти треба да се внимава во однос на тоа прашање, Заев рече дека министерот за здравство ќе ги доврши своите консултации со колегите од соседните земји и од целиот регион, а Комисијата за заразни болести ќе даде конечна препорака или одлука.
„Ќе треба да бидеме внимателни и понатаму од двата аспекти, едниот е здравствениот, а другиот економскиот аспект. И двата се подеднакво важни. Секако најважниот секогаш преовладува, тоа е здравјето на сите граѓани“, рече Заев.