Husameddin Gina
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, коментирајќи го бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, каде што побарал азил, истакна дека кога дошол моментот да ја прифати одговорноста Груевски избегал од државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев ова го истакна денеска на прес-конференција по средбата со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, запрашан од новинарите да го коментира бегството на Груевски од Македонија.
Заев рече дека ниту една институција нема направено пропусти и додаде:
„Каков кукавица е тој (Никола Груевски) којшто цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор, без разлика што ќе се случи. Tој, само да не бидат сите други мета и таргет, е спремен да ја прифати одговорноста и сл. Доаѓа моментот на прифаќање на одговорноста, избега како кукавица, надвор од државата, обидувајќи се претходно да добие аболиција или не знам што“, рече премиерот Зоран Заев и нагласи дека води сериозен политички процес.
„Ова бегство може сериозно да го наруши и Македонија да изгуби трајно, но судството е судство, политиката е политика, парламентот е парламент, владата е влада. Секој мора да си ги носи своите одлуки и да има одгворност за своите постапки“, рече македонскиот премиер.
Тој посочи дека не се работи за политиканство во Република Македонија, туку се работи за конечна правосилна пресуда на осуден криминалец.
Заев, исто така, рече дека ако Унгарија е дел од Европската Унија, недозволиво е да не го почитува владеењето на правото и верува дека Унгарија ќе постапи според меѓународното право и ќе го испорача Никола Груевски што поскоро за да си ја отслужи својата казна.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, вчера на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што побарал политички азил од унгарските власти.
По ова, веста официјално беше потврдена и од Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, како и од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Министерството за внатрешни работи на својата официјална интернет страница вчера објави дека е распишана меѓународна потреница за поранешниот премиер Никола Груевски, кој се бара за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра.