Abdula Berisha
02 Октомври 2020•Ажурирај: 03 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се состана со помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на Соединетите Американски Држави (САД), Францис Р. Фанон, со кого разговараше за енергетската состојба во земјата и во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По средбата, Заев и Фанон одржаа заедничка онлајн прес-конференција на која соопштија дека со поддршка на САД, Северна Македонија ќе иницира некои енергетски проекти.
Премиерот Заев рече дека овој состанок е продолжение на средбите за време на неговата посета на Атина пред две недели, и дека регионалната соработка во енергетиката е приоритет на енергетската стратегија на земјата.
„За време на мојата посета на Атина пред две недели, добивме поддршка од конзорциумот „Гас трејд“ за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на градот Александропули во Грција. Со овој проект се создава можност за постојано и одржливо снабдување на природен гас за нашата земја која во исто време ќе биде една точка од каде што гасот ќе биде распределен и пошироко во регионот и во земјите кои ќе покажат интерес“, нагласи Заев.
Тој истакна дека разговарале и за гасниот интерконектор со Грција, додавајќи дека се разгледуваат можностите за повторно ставање во функција на нафтоводот од Грција и рафинеријата „Окта“ во Скопје, која е во сопственост на грчка компанија.
„Отворамо нова епоха на соработка со нашите партнери, САД и со другите земји членки на НАТО, мислам на Бугарија, Грција и Албанија, тука околу нас, но како и да е, отвораме и сериозни перспективи за инвестиции на компаниите од областа на енергетиката“, рече Заев.
Од друга страна, американскиот претставник Фанон изрази благодарност за ангажираноста на Северна Македонија во НАТО, додавајќи дека оваа ангажираност сега се проширува и во други области.
„Вие преземате чекори со што ќе ја изградите Северна Македонија како регионален актер и тука САД стојат покрај вас во сево ова“, рече Фанон.
Тој исто така нагласи дека САД имаат долгорочен интерес и ја промовираат диверзификацијата на снабдувањето со енергија, вклучувајќи ги и видовите и енергетските патишта.
Фанон исто така истакна дека доколку една земја има еден снабдувач, тогаш тоа не е пазар, туку зависност.