Ivana Ramadanova
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
СОФИЈА (АА) – Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во посета на Бугарската академија на науките во Софија, одржа предавање на темата „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иванов пред присутните истакна дека мигрантската криза допрва почнува, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.
„Како што ќе се зголемува бројот на бегалците, така волјата и подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и да ги интегрира ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа, бидејќи колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците“, рече Иванов.
Според известувачот на МИА од Бугарија, претседателот Иванов додаде дека за разлика од политичките елити и безбедносните служби, шверцерите на Балканот немаат никакви етнички, јазични или религиски предрасуди.
„Целите наши животи ќе бидеме сведоци на бегалци и мигранти кои ќе се обидуваат да дојдат во Европа, бидејќи тоа е дел од поголем процес. Во тој контекст, според податоците на Обединетите нации, во светот има околу 232 милиони меѓународни мигранти и 740 милиони внатрешни мигранти. Замислете го парадоксот со кој се соочуваме. Македонија која не е членка на Европската Унија ја чува Европа од ЕУ“, рече Иванов.
Како што рече Иванов, дипломатите и бирократите во Брисел здивнаа, но не за долго. Само што се затвори „балканката рута“, се виде дека организациите и лицата ангажирани во транзитот на илегални мигранти и бегалци се многу креативни и иновативни. Тој потсети на летоците што македонските служби ги најдоа кај бегалците, на кои на арапски јазик беше напишана новата рута од Грција, преку Бугарија, Романија, Украина и Полска до Германија.
Иванов нагласи дека во наредните пет години, во однос на мигрантската криза ќе се соочиме со два предизвика и тоа, контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, а вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат во Шенген-зоната.
На свечена церемонија во Бугарската академија на науките (БАН), денеска, на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му беше доделена титулата „Почесен доктор на науки“ на БАН. На доделувањето присуствуваа голем број амбасадори, претставници на дипломатскиот кор во Бугарија, академиците од МАНУ, Таки Фити и Владо Камбовски. Претходно Иванов оствари средба со претседателот на БАН академик Стефан Воденичаров.
Во рамките на дводневната работна посета на Бугарија, утре македонскиот претседател ќе оствари средби со својот бугарски колега, Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев.