Ekber Türkoğlu
23 Мај 2018•Ажурирај: 24 Мај 2018
ТОКАТ (АА) - Фикрет Ајдемир од турскиот Токат се занимава со одгледување бел крин, а еден килограм од маслото на ова цвеќе се продава по цена од 5.000 евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Ајдемир е пензиониран пред 12 години, а одгледувањето на белиот крин било негово хоби. Со текот на времето, неговата градина станувала сè поголема, а денес се протега на површина од 3.000 метри квадратни.
Во разговор за АА изјави дека во моментов има многу малку луковици од овој скапоцен цвет.
„Кога се пензионирав во 2006 година, почнав да се занимавам со одгледување. Засадив еден бел крин. Подоцна добивме 70 до 80 луковици. Со текот на годините нивниот број се зголеми“, појасни Ајдемир.
Денес поседува околу 2.500 стебленца на кринови.
„Килограм масло чини 5.000 евра. Особено Французите покажуваат голем интерес. Се користи во козметичкиот сектор и за правење парфеми. Од 700 килограми цвет се добива еден килограм масло. Од цвеќињата во градината јас добивам околу еден килограм масло од крин“, рече Ајдемир.
Во Токат тој е единствениот одгледувач на ова цвеќе кое цвета во мај и јуни.
Белиот крин е познат веќе неколку илјади години, а потекнува од Балканот и од Блискиот Исток. Во народната медицина белиот крин се користи за лечење и чистење на кожата кај кожните болести, како и кај болестите на очите.
Одредени извори наведуваат дека цветот на белиот крин е делотворен и кај болестите на белите дробови, увото, кај аритмија, болестите на системот за варење, но и кај проблемите со коските и зглобовите.
Луковиците се користат кај воспаленија, рани и лузни, а етеричните масла се застапени во лечењето чиреви, модрици, но и во козметиката и парфимеријата.