Zülfiya Yakup
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - Под патронат на премиерот во заминување на Косово, Иса Мустафа, денес е организирана посмртната церемонија за поранешниот премиер на Косово, Бајрам Реџепи (63), кој вчера почина по долго боледување во болница во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ковчегот со телото на починатиот Реџепи утринава беше дочекан на приштинскиот аеродром „Адем Јашари“, од страна на припадниците на гардата на Безбедносните сили на Косово. Потоа беше организирано оддавање почест на починатиот Реџепи во холот на Собранието на Косово.
Покрај ковчегот се поклонија голем број граѓани и угледни личности на Косово, меѓу кои и претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Иса Мустафа со соработниците, претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, лидерот на Иницијативата на Косово, Фатмир Лимај, пратениците на Собранието на Косово, градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети и други.
На комеморативниот собир одржан во Националниот театар на Косово, во Приштина, претседателот на Косово, Хашим Тачи, го нарече Бајрам Реџепи хуманист кој направил многу за слободата и независноста на Косово. Тачи нагласи дека Реџепи бил истакнат по храброста и професионалноста, и бил прв лекар на Ослободителната војска на Косово, а по војната успешен премиер на Косово, министер за внатрешни работи и градоначалник на Митровица.
„Околу две децении беше еден од главните лидери на Демократската партија на Косово. Со Бајрам посетив и сретнав граѓани секаде, во секој град, село и населба во Косово. Секаде, од сите беше почитуван и уважуван“, изјави Тачи.
Тој порача дека сеќавањето на Реџепи ќе биде сочувано засекогаш, а неговата мудрост, смиреност и визија ќе бидат водич на патот за напредок и јакнење на државата Косово.
Премиерот во заминување на Косово, Иса Мустафа, рече дека Реџепи бил личност чиј придонес е повеќедимензионален, не само поради политичките позиции што ги извршуваше, туку и поради неговите активности во служба на животот и здравјето на луѓето, во служба на слободата, независноста и изградба на косовската држава.
„За нас, кои го познававме и работевме со него во рамките на институционалното за политичкиот живот, ќе остане запаметен како политичар од збор, кому може да му се верува, конструктивен човек, комуникативен, добар соработник и коректен“, изјави Мустафа.
Заминувањето на Реџепи, според зборовите на Мустафа, е голема загуба за неговото семејство, пријателите и целата држава Косово.
Во името на семејството, на собирот се обрати Ванеса Реџепи, ќерка на покојниот Бајрам Реџепи, која изјави дека е горда на својот татко и на неговото дело.
„Доблестите на мојот татко, љубовта, искреноста, великодушноста и неговите совети ќе ги чуваме и со посветеност ќе ги негуваме за новите генерации“, изјави Ванеса.
Таа им се заблагодари на државните институции за максималното ангажирање за време на неговата болест и организацијата на посмртната церемонија, како и на државата Турција за безрезервниот болнички третман што му е овозможен.
По комеморацијата, ковчегот ќе биде префрлен во куќата на покојниот, во Суви Дол кај Митровица. Според соопштението на организацискиот одбор, во Собранието на општина Митровица исто така ќе биде организирано едночасовно оддавање на почест, по што ќе започне погребната церемонија со државни почести, која ќе биде извршена во 16.30 часот на гробиштата во Шипол, Митровица.
По повод смртта на првиот поствоен косовски премиер, претседателот на Косово, Хашим Тачи, го прогласи денешниот ден за Ден на жалост.