Abdula Berisha
08 Август 2019•Ажурирај: 09 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - На Сојузот на стопански комори (ССК) на Северна Македонија ѝ се придружи и 35-тата членка, Стопанската комора на овластени геодети, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за членство го потпишаа претседателот на Комората за геодети, Горан Јованоски и претседателката на ССК, Данела Арсовска, по што тие одржаа заедничка прес-конференција.
Арсовска истакна дека по разговорите е утврдена важноста на соработката, особено при заштитата на приватната сопственост.
„Нивната работа, во најголемиот дел, покрај уписот и решавањето на имотно-правните прашања, е поврзана со соработката со голем број институции, меѓу кои и со [Агенцијата за] катастарот на недвижности, и се надеваме дека во следната година ќе продуцираме резултати со кои не само што ќе успееме да ја издигнеме професијата на едно повисоко ниво, туку ќе спроведеме и практики кои не се само европски, туку и светски“, рече Арсовска.
Јованоски рече дека Комората на геодети е посветена на промовирање на дејноста која директно е поврзана со повеќе економски сфери, како што е едукација на компаниите, унапредување на регулативата и меѓународна соработка.
„Во остварување на овие цели, партнерството со Сојузот на стопански комори на [Северна] Македонија е од исклучително значење и идната соработка се темели на зајакнување на улогата на нашите членки во економскиот развој, особено вмрежувањето и создавање партнерства со компании членки на Сојузот“, рече Јованоски.
Тој најави дека следната година, во почетокот на месец април, Комората на геодети на Северна Македонија ќе организира меѓународна конференција со Советот на геодети на Европа.