Zylfije Adem Jakupi
15 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
ПРИШТИНА (AA) – На Инфективната клиника на Универзитетско-клиничкиот центар на Косово синоќа почина уште еден пациент од коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на починати лица се искачи на 9, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Инфективната клиника соопшти дека на интензивна нега на оваа клиника синоќа по полноќ починал пациент на возраст од 69 години од Сува Река, кој е примен на 10 април во тешка состојба и имал кардиолошки проблеми.
На интензивна нега се наоѓаат уште 3 пациенти во критична состојба, од кои еден е на терапија на кислород, додека 2 лица се на вештачка вентилација.
Според извештајот за последните 24 часа на Инфективната клиника се лекуваат 53 случаи со Ковид-19, додека 3 пациенти се излекувани. Останатите 39 случаи се во стабилна состојба.
Националниот институт за јавно здравје на Косово соопшти дека досега се излекувани 66 пациенти. Од 8 февруари до денеска тестирани се 3.547 примероци, од кои 387 биле позитивни.
На граѓаните на Косово од денеска им е дозволено дневно да бидат 90 минути надвор и тоа според неделниот распоред врз основа на претпоследната цифра на матичниот број од личната карта. Дозволените интервали за движење се во периодот од 07:00 до 22:30 часот.
Според одлуката на Министерството за здравство на Косово, на граѓаните им е дозволено снабдување со храна, лекови и хигиенски производи, извршување на банкарските плаќања само 1 час и 30 минути дневно, без автомобил.
Малолетниците можат да бидат во придружба на по еден член на семејството, додека на лицата постари од 65 години им е препорачано да не ја напуштаат куќата или станот, освен во итни случаи и кога тоа е неопходно.
Непочитувањето на овие мерки ќе се казнува со парична казна во износ од 1.000 до 2.000 евра за физички лица и од 3.000 евра до 8.000 евра за правните лица, додека одговорното лице на правното лице се казнува со парична казна во износ од 500 до 1.500 евра.
Оваа одлука важи до 4 мај 2020 година.