Zylfije Adem Jakupi
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА) - Експертите по уставно право имаат различно мислење во врска со прашањето дали со преземањето на должноста претседател на Косово од страна на новоизбраниот претседател на Собранието, Косово добило уште шест месеци за избор на нов претседател на земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).
По предвремените парламентарни избори одржани на 14 февруари, на Косово му претстои процес на формирање нови институции на власта. Процедурата на конституирање на Собранието на Косово е јасно пропишана со Уставот, како и изборот на новата Влада. Меѓутоа, моменталната позиција на вршителката на должноста претседателка на Косово не е јасно прецизирана со Уставот.
Кога поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, поднесе оставка поради обвинението за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово во Хаг на 5 ноември 2020 година, вршењето на должноста претседател на земјата го презеде Вјоса Османи, која тогаш беше претседателка на косовското Собрание. Според Уставот, таа може да биде вршителка на должноста претседател најмногу шест месеци до изборот на новиот претседател.
Поранешниот судија на Уставниот суд на Косово, професор Кадри Крјезиу, вели дека должноста претседател на Косово треба да ја преземе новоизбраниот претседател на Собранието и дека со тоа се добиваат уште шест месеци за избор на нов претседател на земјата.
Тој нагласува дека Вјоса Османи би можела да биде вршителка на должноста претседателка на Косово до 5 мај, за Косово во меѓувреме да не оди на парламентарни избори.
„Избраниот претседател на Собранието по автоматизам станува вршител на должноста претседател на Косово, бидејќи немаме претседател. Вршителот на должноста претседател ја повикува првата партија да го именува мандатарот за состав на новата Влада. Мандатарот треба да добие 61 глас во Собранието за да ја води Владата. Потоа во наредните шест месеци се бира претседател“, вели Крјезиу.
Од друга страна, професорот на уставно право Мазлум Баралиу истакнува дека не е прецизирано во Уставот дали со преземањето на должноста претседател на Косово од страна на новоизбраниот претседател на Собранието би се добиле уште шест месеци за вршење на таа должност.
Тој смета дека конституирањето на Собранието, изборот на Владата и изборот на новиот претседател на Косово треба да се завршат во рокот што го има Вјоса Османи за вршење на должноста претседателка, а што истекува на 5 мај оваа година.
Според неговите зборови, Османи не може да ги извршува сите должности што ги има претседателот на земјата и да именува мандатар од водечката партија за да се формира нова Влада, а потоа што побрзо треба да избере и нов претседател на Косово, за да не се изгубат законските рокови и земјата да влезе во нова криза која би можела да се заврши со нови вонредни парламентарни избори.
Универзитетскиот професор Баралиу објаснува дека по потврдувањето на резултатите на предвремените парламентарни избори, што побрзо треба да се свика првата конститутивна седница на Собранието на која се потврдуваат мандатите на пратениците.
„Тогаш се бираат парламентарни групи, претседател на Собранието и членови на Претседателството на Собранието. Потоа доаѓа на ред прашањето за мандатар, кој е од водечката партија или коалиција, и мислам дека нема потреба тоа да се одложува, затоа што немаме време, поточно во цајтнот сме со времето, бидејќи подготовките за избор на претседател треба да се извршат до 5 април, а 5 или 6 мај на должност треба да биде новиот претседател, односно претседателка“, изјави Баралиу.
Истовремено, професорот Крјезиу истакнува дека не постои никаква пречка лидерот на победничката партија, Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, да биде избран за премиер, иако не можел да биде кандидат за пратеник поради правосилната пресуда за фрлање солзавец во собраниската сала. Тој наведува дека нема норми што го попречуваат тоа, бидејќи одлуката на Уставниот суд на Косово се однесуваше само на забрана за кандидирање за пратеници на лицата што имаат правосилна судска пресуда во последните три години.
На изборите одржани во неделата убедлив победник е Движењето „Самоопределување“ со освоени 48 отсто од гласовите, што во таа партија со неколку пратеници од малцинските заедници е доволно за самостојно формирање Влада.
На изборната листа на Самоопределување беше и Вјоса Османи, актуелната вршителка на должноста претседателка на Косово. Таа е и кандидат за нов претседател на Косово.