Zylfije Adem Jakupi
21 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
ПРИШТИНА
Косовските Срби продолжуваат со камиони да ги блокираат патиштата до премините на северот на Косово, Јариње и Брњак, но ситуацијата е мирна. Во текот на последните 24 часа, косовската полиција издаде 1.455 пробни регистарски таблички за возилата со регистарски таблички од Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според косовското МВР, косовската полиција продолжила да презема полициски акции на национално ниво, вклучувајќи ги сите гранични премини со цел да се спроведе договорот за слободно движење, што се однесува на регистарските таблички на возилата, а во последните 24 часа биле издадени 1.455 пробни таблички.
Се додава дека косовската полиција континуирано се грижи за одржување на јавниот ред и безбедност и ги презема сите неопходни оперативни и логистички мерки за да се овозможи слободно движење на луѓе и стоки на национално ниво.
Српските граѓани од северот вчера со камиони ги блокираа патиштата што водат до премините Јариње и Брњак, така што границата може да се помине само пешки. Валидноста на привремените регистарски таблички е 60 дена, а тие чинат 5 евра. Освен издавањето привремени регистарски таблички за возилата со регистарски таблички од Србија, според одлуката на Владата на Косово, од вчера се одземаат регистарските таблички кои веќе не важат, како и табличките со градовите на Косово издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Според одлуката на Министерството за внатрешни работи на Косово, од денеска може да се обезбедат привремени регистарски таблички во сите центри за регистрација на возила во Косово, додека нивното издавање на граничните премини започна вчера.
По повод новата ситуација во Приштина денеска, премиерот на Косово, Албин Курти, заедно со министерот за внатрешни работи Џелал Свецла, се сретна со амбасадорите на земјите од групата Квинта, која ја сочинуваат САД, Италија, Германија, Велика Британија и Франција, како и со шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово.
„На состанокот се разговараше за вчерашната одлука во врска со обезбедувањето привремени регистарски таблички за возилата со српски регистарски таблички и влезот на територијата на Република Косово“, објави Владата на Косово.
Премиерот Курти ги извести амбасадорите дека вчера и денеска немало инциденти на ниту еден граничен премин. Тој рече дека вчерашната одлука не е ниту провокација ниту дискриминација кон никого, и дека косовската полиција била и е професионална, правилна и ефикасна.
„Законот е имплементиран, обезбеден е еднаков третман“, рече премиерот, нагласувајќи дека специјалните единици се таму само за заштита на граничната полиција и граничните премини.
„Тие моментално се присутни таму затоа што десетици демонстранти ги блокираа патиштата што водат до граничните премини 1 и 31 (Јариње и Брњак), и во нивна близина. Полицијата разговараше со демонстрантите и не ги загрози“, рече премиерот Курти.
Премиерот рече дека во овој реципроцитет со табличките, и Косово и Србија се во право или и двете земји грешат. „Значи, или ќе ги чуваме двата вида регистарски таблички за двете земји или ќе им дозволиме да ги отстранат и Косово и Србија“, рече Курти.
Тој, исто така, ги информираше амбасадорите за телефонскиот разговор што го остварил синоќа со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Амбасадорите и премиерот Курти се согласија дека мора да се одржат мирот, стабилноста и безбедноста, и дека дијалогот мора да продолжи и мора да се деескалира ситуацијата.