Dzihat Aliju
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Вршителот на должноста премиер на Косово и лидер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, изјави дека „изборот на претседател на Собранието и формирањето влада не се предизвици, предизвик е изборот на претседател“, јавува Анадолу.
Курти во изјава за медиумите рече дека новиот претседател на Косово треба да биде личност со придонес во општеството и со национални и граѓански вредности.
„Како што ви е познато, ставот на Самоопределување, како победник на изборите, е дека идниот претседател треба да биде консензуален, со што поширока поддршка во Собранието и меѓу народот, да биде личност која има заслуги и придонес, национални и граѓански вредности, но и некој кој се докажал во професијата и општеството. Затоа сакаме да постигнеме договор за да избегнеме нови избори“, рече Курти.
Според него, договорот за претседател мора да биде постигнат однапред за да се избегнат нови избори.
„Изборот на претседателот на Собранието, изборот на претседателството на Собранието и формирањето влада не се предизвици. Предизвик е изборот на претседателот. Затоа мора да се договориме околу изборот на претседателот“, вели тој.
- „Отворени сме за темелни разговори“
„Отворени сме за темелни разговори за да дојдеме до име или имиња за кои ќе ги дадеме потписите за да се кандидираат и подоцна да бидат избрани. Тоа треба да биде некој кој е надвор од актуелната политичка сцена, надвор од секојдневните партиски полемики и кој е обединувачка фигура, бидејќи Уставот на Косово вели дека претседателот на Републиката треба да биде израз на единството на народот“, изјави Курти.
Во врска со вчерашната изјава на претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, дека нема да продолжи со преговорите за формирање заедничка влада со Самоопределување, Курти рече дека верува оти ЛДК требало да се приклучи кон неговата партија во заедничка влада.
„Верувам дека ЛДК требаше да дојде во заедничката влада. Да имаме политички договор. Не е неопходно тој да биде идентичен со изборниот резултат, 53 наспроти 18, но не е можно ниту изобличување на изборниот резултат. Не е мала работа кога со 18 пратеници добиваш претседател на Собранието“, кажа Курти.
Според неговите зборови, кога виделе дека во ЛДК не се заинтересирани за функцијата претседател на Собранието, била повторена понудата од пролетта: доколку Самоопределување има кандидат за претседател на Косово, а тоа тогаш бил Глаук Коњуфца, ЛДК да добие место заменик-премиер и четири министерства.
- „Мора да разговараме и за имињата“
„Во случај кандидатот за претседател да биде консензуален, би добиле место заменик-премиер и три министерства“, рече лидерот на Самоопределување.
Курти оцени дека не би било мала работа доколку претседателот на ЛДК, Лумир Абдиџику, стане негов заменик во владата.
Тој додаде дека, во врска со изјавата на Абдиџику, им напишал на тројцата лидери на партии за што побрзо да се сретнат и да се договорат околу претседателот.
„Мора да разговараме и за имињата“, рече косовскиот премиер.
Во петокот, 7 август, заврши рокот од 30 дена за конституирање на косовското Собрание, но продолжението на седницата што започна во четвртокот се одржа во саботата.
На последните две седници, Курти, побара повеќе време за преговори со другите партии по прашањето за претседателот.
По изјавите на Курти, опозициските партии организираа протести, за време на кои премиерот Курти беше нападнат со јајца.