Zylfije Adem Jakupi
14 Август 2024•Ажурирај: 15 Август 2024
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот премиер Албин Курти денес повтори дека отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица е праведно, неопходно и корисно за сите, јавува Анадолу.
На почетокот на седницата на Владата на Косово, Курти рече дека на командантот на КФОР, Озкан Улуташ, вчера му го пренел ставот на Владата за отворање на мостот, како и резултатите од прелиминарниот извештај за стабилноста на мостот на Ибар, што покажува дека мостот е стабилен, издржлив и функционален.
Курти рече дека тој и Владата на Косово длабоко веруваат дека слободата на движење и владеењето на правото, од една страна, и мирот и безбедноста, од друга, се можни и неопходни за земјата и општеството.
„Ќе продолжиме со консултациите и координациите со нашите партнери. Отворањето на мостот не е против никого, уште помалку против нашите партнери. Косово е нормална земја и неговите мостови треба да бидат нормални, што значи отворени“, рече Курти.
Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, синоќа излезе со соопштение во кое потврди дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. „Во оваа смисла ние продолжуваме целосно да го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ“, нагласи КФОР.
КФОР наведува дека е неопходно сите актери да се воздржат од еднострани декларации и дејства што можат да создадат тензии. „КФОР има добри ресурси и добро е позициониран да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да ја исполнува својата мисија за ОН“, рече КФОР.
Истовремено, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека во овој момент постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица, што може да влијае врз безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и американските војници.
„Сметаме дека овој ризик ги зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници што работат на обезбедување мир и безбедност на Косово“, рече Ховениер во интервјуто за Радио Слободна Европа. Тој изјави дека американската Влада се надева оти Владата на Косово ќе ја земе предвид оваа загриженост.
Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај, одговори на изјавата на амбасадорот Ховениер, кој рече дека оние што им се закануваат на американските војници се против Косово и ќе бидат третирани како непријатели на Косово.
Најавата на косовската Влада дека ќе го отвори за сообраќај главниот мост во Митровица наиде на остро спротивставување од земјите од Квинта, ЕУ и НАТО, со образложение дека сега не е време за тоа и дека оваа тема мора да биде дел од дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел.
Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија што беше потпишан во 2015 година во Брисел.
Главниот мост на Ибар, кој често беше место на судири меѓу Србите и Албанците, е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и може да се помине само пешки. Во Митровица има уште два моста што ги поврзуваат јужниот мнозински албански дел и северниот мнозински српски дел од градот што се отворени за сообраќај.