СКОПЈЕ (АА) - Четириесет и пет општини добија градоначалници по првиот круг од локалните избори во Република Македонија што се одржаа вчера, а во 35 ќе има втор круг на 29 октомври, покажуваат досегашните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), пренесува Anadolu Agency (AA).
Според достапните податоци на ДИК, во првиот круг се избрани градоначалници на Аеродром, Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Гевгелија, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Илинден, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Куманово, Лозово, Маврово - Ростуше, Неготино, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Прилеп, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар, Центар Жупа, Чучер Сандево и Дебарца.
Втор круг ќе има во Боговиње, Брвеница, Бутел, Виница, Врапиште, Гази Баба, Гостивар, Градско, Дебар, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Желино, Зрновци, Јегоновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Липково, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Сарај, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чаир, Чашка, Чешиново - Облешево, Штип и Шуто Оризари.
Социјал демократскиот сојуз на Република Македонија (СДСМ) во првиот круг освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, Демократската унија за интеграција (ДУИ) две, група избирачи две и Демократската партија на Турците едно.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се натпреваруваат во вториот круг во 19 општини, ДУИ и Алијансата за Албанците ќе се натпреваруваат во пет, ДУИ и БЕСА во седум, во една општина кандидат на група избирачи и на ВМРО-ДПМНЕ, во една ДУИ и СДСМ, во една СДСМ и Сојуз на Роми и во една Демократска партија на Албаниците (ДПА) и Движењето БЕСА.
Се уште е незивесно дали ќе биде избран градоначалник на Скопје во првиот изборене. Кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов по преброени 96,79 проценти од гласовите води пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски со 50,27 наспроти 36,01 процент освоени гласови. За сега, останува да се пребројат гласовите од уште 22 избирачки места по што ќе се знае дали Скопје ќе добие градоначалник во првиот круг или ќе има втор круг на 29 октомври.
- МВР: Изборниот ден помина мирно, без сериозни нарушувања
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија оцени дека изборниот ден поминал мирно без сериозно нарушување на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски посочи дека изборите поминаа во мирна атмосфера, но дека се забележани повеќе мали инциденти. До полицијата, како што посочи тој, поднесени се 46 пријави за фотографирање на гласачко ливче, гласање за друг, поткуп, носење гласачи на избори.
Во полцииската статистика, евидентирани се 44 прекини на гласања, на одделни избирачки места каде по консултации и краток застој за 15 до 20 минути гласањето е продолжено.
Локалните избори се одржаа во 80 општини и Градот Скопје. Се гласаше на 3.480 избирачки места, а право на глас имаа 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и 64 кандидати предложени од група избирачи.
Освен за кандидатите за градоначалници, на овие избори учествуваа и 6.627 кандидати на 372 листи за советници во општинските совети.
За набљудување на изборите Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и шест странски новинари.
Вториот круг од изборите ќе се одржи за две недели, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување - првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.
news_share_descriptionsubscription_contact


