Admir Fazlagic
15 Октомври 2017•Ажурирај: 15 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Утрово во 7 часот се отворени гласачките места ширум Македонија за локалните избори на кои граѓаните ќе избираат локална власт за наредните 4 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалните избори се одржуваат во 80 општини и Градот Скопје. Се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и 64 кандидати предложени од група избирачи.
Освен за кандидатите за градоначалници, на овие избори учествуваат и 6.627 кандидати на 372 листи за советници во општинските совети.
Избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот, до кога граѓаните ќе можат да го остварат своето право на глас.
На ден пред изборите, во сабота, се гласаше во 13 казнено-поправни установи каде право на глас имаат 1.882 избирачи. Исто така, вчера гласаа и болните, изнемоштените и раселените лица и нивните гласови ќе бидат пренесени во општините од каде се заведени во Избирачкиот список.
За набљудување на изборите Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и шест странски новинари.
Вториот круг од изборите, онаму каде што во првиот круг гласањето не завршило, ќе се одржи за две недели, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување - првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.