Abdula Berisha
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука на Северна Македонија, Арбер Адеми, и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, на прес-конференција информираа за активностите преземени за неформално образование во периодот кога е во прекин воспитно-образовниот процес поради коронавирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот Адеми рече дека во услови на глобална пандемија многу процеси се во застој, но истакна дека надлежните институции наоѓаат алтернативни решенија со цел образовниот процес на учениците да не трпи последици.
Тој рече дека веднаш по одлуката да се прекине образовниот процес на сите нивоа, Министерството за образование и наука работело на план со којшто учениците нема да го поминуваат пасивно своето време.
Министерот Адеми истакна дека од понеделникот на државната телевизија се емитуваат неформални образовни програми.
„Едукативната програма ќе се спроведува сè додека не се стабилизира ситуацијата и децата повторно ќе се вратат во училиштата и градинките. Во оваа пригода дозволете ми да изразам длабока благодарност до голем број општини и училишта кои во овие ситуации, на своја иницијатива, најдоа свои начини да продолжат да ги едуцираат учениците“, рече Адеми.
Тој рече дека еден ваков пример е Општина Карпош, каде што локалните власти иницираа дигитална платформа за споделување едукативни содржини, притоа охрабрувајќи ги и другите општини да го следат овој пример.
„Оваа платформа обезбедува двонасочна комуникација помеѓу учениците и наставниците. Ова помага да се контролира ефектот на овој вид образование“, рече Адеми, истакнувајќи дека тоа е неформално образование кое не може целосно да го замени училишното образование.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека општината со која раководи иницирала имплементација на е-образование, притоа повикувајќи ги наставниците да бидат креативни и да го привлечат вниманието на учениците додека училиштата се затворени.
Адеми и Богоев, исто така, посочија дека не е јасно колку ќе трае прекинот на воспитно-образовниот процес поради ситуацијата создадена со коронавирусот.